Пулицерови награди за Њујорк тајмс, Вашингтон пост и Ројтерс

LinkSense.mk

Овогодинешни лауреати на Пулицеровата награда, најпрестижната во областа на американското новинарство, се весниците „Њујорк тајмс“, „Вашингтон пост“, „Њујоркер“, „Прес демократ“, како и британската агенција Ројтерс.

Наградите беа доделени денес на Универзитетот Колумбија.

„Њујорк тајмс“ и „Вашингтон пост“ се добитници на Пулицерова награда за национално истражување, а таа награда им ја донесе расветлувањето на тековната истрага за можните контакти меѓу изборниот тим на претседателот Доналд Трамп и руски официјални лица, пренесува АП.

„Њујорк тајмс“ и „Њујоркер“ освоија награда за јавна служба, за известување за Харви Вајнстин и сексуално вознемирување.

Весникот „Прес демократ“ од Санта Роса, во Калифорнија, е добитник на наградата за итна вест, која му ја донесе известувањето за пожарите кои минатата есен ја зафатија Калифорнија.

На агенцијата Ројтерс и се доделени две Пулицерови награди, за меѓународно истражување и за фотографија.

Пулицеровите награди се доделени денеска како признание за најдобро новинарство во 2017 година во дневните весници, ревиите и на веб сајтовите, а во 14 категории за известување, фотографија, критики и коментари.

Во областа на уметноста, награди се доделуваат во седум категории, вклучувајќи роман, драма и музика.

Наградата за музика ја доби Кендрик Ламар за делото „ДАМН“, а тоа е воедно прв некласичен или џез уметник кој ја освоил оваа престижна награда, се наведува во информацијата на американската агенција.

Книжевното дело на Ендриј Шон Грир, „Помалку“, освои Пулицерова награда за роман, додека наградата за драма отиде во рацете на Мартин Мајок за остварувањето „Трошоци за живот“, а за најдобро напишана биографија кај Лори Ингалс за „Прериски огнови“.

Делото на Џејмс Форман помладиот „Заклучување на нашата сопственост: Криминал и казна во Црна Америка“ освои награда за општа документарна литература, додека награда за приказна му припадна на Џек Е. Дејвис за делото „Заливот“.

Френк Бидарт е добитник на наградата за поезија, за делото под наслов „Полу-светло“.

Инаку, првите награди за новинарство се доделени во 1917 година.