Путин не оди на погребот на кралицата

LinkSense.mk

Рускиот народ „длабоко ја почитува“ кралицата Елизабета Втора, нејзините „мудрост и авторитет“, соопшти денеска Кремљ по смртта на кралицата, додавајќи дека претседателот Владимир Путин нема да присуствува на нејзиното испраќање до вечното почивалиште.

„Таквите квалитети сега се многу ретки на меѓународната сцена“, рече портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, на денешната прес-конференција.

Песков напомена дека претседателот Путин не планира да присуствува на погребот на кралицата, кој ќе се одржи за десет или единаесет дена во Лондон.

„Не се разгледува опцијата за одење на Путин во британската престолнина“, рече Песков, додавајќи дека се уште не се знае дали претставник на руската влада ќе присуствува на погребот, бидејќи се уште не се објавени детали за него.

„Сето тоа треба да биде на овој или на оној начин објавено од кралските служби и властите на Обединетото Кралство“, појасни тој.

Рускиот претседател е изолиран од Западот откако ја започна својата агресија против Украина, на крајот на февруари.

Путин вчера, кога почина 96-годишната Елизабета Втора, и оддаде почит на кралицата и изрази сочувство до нејзиниот син, кралот Чарлс.

Патријархот Кирил, поглаварот на Руската православна црква, денеска изјави дека кралицата Елизабета Втора е „симбол на историските традиции“ за цела Европа.

 

 

 

 

 

 

(Фото: ЕПА)