Раст на британската економија

LinkSense.mk

Економијата на Велика Британија порасна за 0,9 отсто во ноември минатата година и конечно го надмина нивото на кое беше непосредно пред владата да го воведе првиот „локдаун“ за да го спречи ширењето на ковид-19, соопшти во петокот Заводот за статистика „ОНС“.

Петтата по големина економија во светот во ноември е за 0,7 отсто повисока отколку во февруари 2020 година, се вели во соопштението на „ОНС“.

Економистите во анкетата на Ројтерс во просек во ноември очекуваа раст на бруто домашниот производ (БДП) од 0,4 отсто во однос на еден месец претходно.

Во декември, економската активност веројатно беше погодена од брзото ширење на новата варијанта на корона вирусот, „омикрон, низ Европа, а послаб замаф може да се очекува и во јануари бидејќи многу компании се пожалија на отсуство на персонал, а граѓаните сè уште се воздржани во излегувањата.

Здравствените власти, сепак, се на мислење дека бранот на зараза со „омикрон“ во Британија сега е на врвот, а економистите проценуваат дека ударот врз економијата веројатно ќе биде краткотраен, што ќе и овозможи на британската централна банка да продолжи да ги зголемува каматните стапки.