Регионалната боксерска лига го оживува боксот

Регионална боксерска лига е тема за која многу се разговараше во изминативе години. Но, досега не се превзеде ништо конкретно.

Неодамна, на состанокот на боксерските работници од регионов што се одржа во Нови Сад, повторно се отвори темата за оваков тип натпреварување, и по иницијатива на неколку клубови од Србија, беа свикани уште неколку состаноци.

По средбите што се одржаа во Лозница, Скопје, Бања Лука и Загреб идејава прерасна во реализација.

Беше изгласан правилник, се избра раководство и беше регистриран правен субјект. Почетокот на натпреварите е закажан за 4 март годинава.

По 25 години пауза се е подготвено за боксерска лига од балкански размери.

Во првата сезона за титулата ке се борат седум клубови од четири држави.

Лозница, Лазаревац и Војводина ќе ги бранат боите на Србија, Радник од Бјелина и Славија од Бања Лука се претставниците од Босна и Херцеговина, Сесвете ќе ја претставува Хрватска, а единствен македонски претставник е боксерскиот клуб „Пинк Пантер“.

Интересот за учество во лигата е голем, велат од организацискиот одбор, заради што тие не ја исклучуваат можноста од следната година да се зголеми бројот на учесници, дури и да се воведе Втора балканска лига.

Од заинтересираноста на спонзорите, медиумите и спортските критичари се наѕира фактот дека регионалната боксерска лига ќе го врати сјајот на благородната вештина и дека боксот повторно ќе ги полни салите во регионов.