Рекордна инфлација во еврозоната

LinkSense.mk

Инфлацијата во еврозоната драстично забрза во мај, достигнувајќи 8,1 отсто, што е ново највисоко ниво откако Европската канцеларија за статистика пред повеќе од 25 години почна да објавува извештаи, поттикната од забрзаниот раст на цените на енергијата. Во април, инфлацијата мерена со усогласениот индекс на потрошувачки цени изнесува 7,4 отсто.

Најповеќе во мај во еврозоната пораснаа цените на енергијата, за 39,2 во однос на истиот месец лани. Во април тие се зголемија за 37,5 отсто, покажува извештајот на Европската статистичка канцеларија, објавен во вторник. Цените на енергијата почнаа нагло да растат во втората половина на минатата година, поттикнати од бранот побарувачки што го поттикна закрепнувањето на економијата од пандемската криза.

Оваа година нивниот раст се забрза бидејќи Европската унија на водечкиот снабдувач Русија и воведе низа санкции поради нејзината инвазија на Украина. ЕУ вчера постигна договор за забрана за увоз на руска нафта со бродови, а планира да го намали и увозот на руски гас.

Рускиот гасен гигант Газпром во мај го прекина снабдувањето со гас за Бугарија, Полска и Финска, кои го отфрлија понудениот механизам за плаќање на гасот во рубли. Од денеска рускиот гас повеќе нема да стигнува ниту до холандската ГасТера. Дополнителен проблем во мај предизвика и Украина со блокада на клучната транзитна точка на гасоводот преку кој руски гас стигнува во Европа.

Еврозоната забележа во мај забележа и посилен раст на цените на преработена храна, алкохолните пијалоци и тутунските производи, за 7,0 отсто. Во април тие беа зголемени за 5,4 отсто. Кога ќе се исклучат енергијата и свежата храна, цените во зоната на единствената европска валута се зголемија за 4,4 отсто, по растот од 3,9 отсто во април, објави Евростат.

Меѓу членките на еврозоната, најмногу минатиот месец пораснаа цените во балтичките земји, се наведува во извештајот на Европската статистичка служба. Така, Естонија во мај забележа стапка на инфлација од 20,1 отсто, Литванија 18,5 отсто, а Летонија 16,4 отсто.

Двоцифрени стапки на инфлација се забележани и во Словачка и Холандија, од 11,8, односно 10,2 отсто. Најмалку, во мај, пораснаа потрошувачките цени на Малта, за 5,6 отсто. Блиску е и Франција со стапка на раст на цените од 5,8 отсто.