Рестрикциите ја забрзаа вакцинацијата, бројот на активни случаи со Ковид-19 се искачи на 2.581

Новите рестриктивни мерки, кои почнуваат од 16 август, а кои предвидуваат во угостителски објекти да влегуваат само лица со примена барем една доза вакцина, ја забрзаа вакцинацијата.

Министерството за здравство информира дека интересот за имунизација е значително зголемен и поради тоа од денеска се отвораат четири нови пунктови за вакцинација: во поликлиниките Бит Пазар, Драчево, Ченто и Ѓорче Петров.

Покрај зголемување на бројот на имунизирани, расте бројот и на новозаразени со коронавирусот. За само еден месец бројот на активни случаи од 130 се искачи на 2.581.

Вчера беа регистрирани нови 518 случаи на Ковид-19 од направени 5.809 тестирања, четири лица починати и 31 оздравен пациент.

Моментно, во Скопје има 832 активни случаи, во Тетово 662. По нив следи Гостивар, со 294 активни случаи, Куманово – 180, Кичево со 115, Струмица – 72,
Битола – 69, Дебар – 54, Струга – 56, Охрид – 51.

Во другите градови има под 50 активни случаи, а во шест града, Неготино, Богданци, Крушево, Демир Хисар, Кратово и Дојран, нема ниту еден заразен со коронавирусот.

Според информациите од Министерството, 32 отсто од полнолетното население на територијата на целата држава е веќе имунизирано со барем една доза на вакцина.

Заклучно со завчера, вакцина примиле вкупно 543.597 граѓани, ревакцинирани се 439.048, односно аплицирани се 982.645 дози.

Една доза вакцина досега примиле 66 проценти од населението над 70 години, 63 проценти над 65 години, 59 отсто од луѓето што се повозрасни од 60 години и 48 отсто од луѓето над 50 години.

Граѓаните може да се вакцинираат без закажан термин на вакцинални пунктовите низ државата. Процесот на теренска вакцинација се одвива на територијата на цела држава.

„Вакцините штитат од тежок тек на болеста и од смртен исход од вирусот. Само со масовно вакцинирање на населението може да ги спречиме натамошните мутации на овој вирус и затоа, повикуваме на вклучување кон процесот на имунизација на сите граѓани“, порачуваат од Министерството за здравство.

Од таму напоменуваат дека вакцини има доволно и дека во сите пунктови се надополнуваат подеднакво потрошените количини.

„На располагање се околу 400.000 дози од сите производители, од кои 200.000 за прва доза. За прва доза имаме 80.000 ‘Синовак’, 50.000 ‘Астра Зенека’ и 70.000 ‘Фајзер’. Секоја недела пристигнуваат по околу 20.000-30.000 на ‘Фајзер’ и оваа пратка ќе продолжи да пристигнува и во следните недели до крајот на годината“, велат од Министерството.