Рејтингот на Курц во слободен пад

Внимателно изградениот имиџ на австрискиот канцелар Себастијан Курц, којшто некогаш беше прогласен за „вундеркинд“ е во голем пад по заморот на јавноста од корона вирусот и истрагата за тоа дали тој лажел пред парламентарниот одбор за корупција или не.

Ова требаше да биде добар месец за 34-годишниот конзервативец, заради попуштање на мерките после долготрајно затварање, којшто стана најмлад демократски избран лидер на светот кога прв пат стапи на должност во 2017 година.

Меѓутоа, обвинителите во средата објавија дека спроведуваат истрага против Курц заради давање на лажен исказ на одборот на Парламентот во рамки на истрага за скандалот „Ибицагект“ и други случаи.

До сега никогаш не било подигнато обвинение против некој австриски канцелар.

Курц ги отфрли наводите велејќи дека очекува да биде обвинет, но дека нема да биде прогласен за виновен и дека одбива да поднесе оставка, напагајќи ги, како што вели, обидите за негова смена.

„Не сум рекол ништо што не е вистина“, им рече Курц на новинарите во четвртокот.

Поддршката на партијата на Курц, на Австриската народна партија (ОВП) веќе падна на околу 30 проценти минатиот месец, додека пред една година таа беше близу 50 проценти.

Австрија главно успеа да го исконтролира вирусот во текот на првиот бран минатата година, но во третиот бран во ноември воведе затварање на замјата.

Истрагата му прави проблеми на Курц и затоа што со неа во последниве месеци значително се намали финансиската поддршка на неговата партија.

„Ова е најтешката криза во неговиот мандат“, рече политичкиот аналитичар Томас Хофер за АФП, додавајќи дека кризата „го отргнала вниманието“ од планираното повторно отварање на рестораните и другите објекти овој месец.

„За Себастијан Курц, којшто веќе подолго време е размазен од успехот, ова е најделикатна фаза од неговата кариера“, се наведува во петочната анализа на весникот „Ди Пресе“.

Истрагата најавена во средата се однесува на изјави кои Курц ги дал пред парламентарниот одбор минатата година, во кои негирал дека имал какво било влијание на именувањето на шефот на државниот холдинг „ОеБАГ“, Томас Шмид.

Меѓутоа, во јавноста излезе преписка меѓу Курц и Шмид, вклучувајќи ја пораката на канцеларот: „Ќе добиете се што сакате“, после што Курц додал неколку знакови (емотикони) со бакнежи.

„Толку сум среќен :-))) Јас го сакам својот канцелар“, одговорил Шмид.

Ако се потврди дека лажел под заклетва, Курц би можел да биде осуден на казна затвор до три години.

Курц веќе отстапи од местото канцелар во 2019 година, кога корупцискиот скандал „Ибицагејт“ го потресе неговиот помал коалициски партнер, крајно десната Слободарска партија на Австрија (ФПО).

Тогашниот лидер и вицеканцелар, Хајнц-Кристијан Штрасе си даде оставка од местото во владата и во партијата откако протекоа снимки од луксузна вила во Ибица како нуди местење на јавни набавки на жена за која тој мисли дека е внука на руски олигарх во замена за финансиска поддрѓка за неговата партија.

На новите избори ОВП ја зајакна својата позиција заради падот на популарноста на ФПО.

„Во Австрија моментно атмосферата е значително зовриена“, истакнува Хофер, додавајќи дека моментната истрага „значително го зголемува притисокот на Зелените“, помалиот коалициски партнер на Курц, кои во кампањата се залагаа за транспарентност.

И на меѓународна сцена Курц често се судираше со други челници од Европската унија.

Австрискиот канцелар во средата ја критикуваше дистрибуцијата на вакцини внатре во Унијата, велејќи дека постои недостаток на транспарентност за договорите меѓу одделни членки на ЕУ и производителите на вакцини.

Меѓутоа, аналитичарите укажуваат и на тоа дека ОВП сепак води на анкетите.

„И покрај истрагите што се водат против него, тој останува поприлично популарен политичар“, рече Јулиа Партејмилер од Центарот за истражување на избори на Универзитетот во Виена.

Аналитичарот Петер Хајек, пак, наведува дека „на традиционално ниво не постои ниеден врвен конкурент“ и додава дека Курц може да се потпре на своите комуникациски способности и управувањето со кризата – барем засега.

(Фото: ЕПА)