Ристоска: Декласифицирани се поголем дел од доказите за „Тврдина 2“

Доказите во „Тврдина 2“ се декласифицирани, но судското рочиште денеска не се одржа. Причина за тоа е отсуството на судијката Лидија Петровска која е на боледување.

Судењето против седумтемина вработени во МВР, во Управата за безбедност и контраразузнување, обвинети за уништување службени документи е закажано за во мај годинава.

„Специјалното јавно обвинителство доби две решенија за декласификација на поголем дел од доказите во предметот именуван во јавноста како „Тврдина 2“. Единствено останале класифицирани деловодните книги“, изјави обвинителката во предметот, Ленче Ристоска.

Ристоска посочи дека одговорот за декласификацијата го добиле од министерот за внатрешни работи Агим Нихиу и оригиналите ги достави до Судот.

Патем, Ристоска во судот истакна дека соработката со УБК и натаму е отежната и дека одбива да ја прими поштата на СЈО, па одговорите на нивните барања ги добиле од министерот. Со оваа постапка се отстранува и последната пречка за презентирање на доказите и нивна употреба во судска постапка.

Во случајов, седуммината обвинети се товарат за уништување на документација поврзана со системите од кои незаконски се прислушувало. Во овбинението против нив се наведува дека уништиле 2.047 службени списи, од кои 22 се однесуваат на системите за следење на комуникациите.

Првообвинет е тогашниот началник во петта управа, Горан Грујовски, за фалсификување службен документ со кој е прикриено уништувањето на системите за следење на комуникациите.

Грујовски од друга страна, пак, е осомничен и во предметот на СЈО „Тврдина“ за незаконско уништување на системите за прислушување.