Познатиот фудбалер и угледен стручњак се пријави за селектор на Гана. Роберт Просинечки беше познат како еден од најдобрите европски фудбалери на крајот на 20 век. Тој е еден од ретките што играше за Реал Мадрид и Барселона, а беше европски првак со Црвена звезда. Забележа одлични резултати со хрватската репрезентација (бронза на СП 1998), но стана светски првак и со јуниорите на Југославија во 1987 година во Чиле.
На крајот од играчката кариера реши да стане тренер и по се изгледа најудобно се чувствува на селекторската клупа. Црвена звезда беше неговиот прв клуб каде што беше на чело на професијата, подоцна работеше во турски клубови (Кајзериспор, Денизлиспор) а раководеше и со љубљанска Олимпија и Рудеш (последниот клуб каде што работеше како тренер).
Тој се покажа како добар во улогата на селектор на Азербејџан, не толку на истата позиција во репрезентацијата на Босна и Херцеговина, а водејќи се од своето искуство како селектор, се кандидираше за шеф на стручниот тим на Гана…
Најголем конкурент ќе го има германскиот стручњак Феликс Магат, познат по долгогодишното раководење на Волфсбург, со кој во 2009 година беше шампион на Германија. Ги водеше и Баерн, Штутгарт, Вердер, Ајнтрахт… На натпреварувањето се пријави и неговиот сонародник Јирген Колер, познат фудбалер и репрезентативец на Германија, кој како тренер немаше некој важен ангажман.
Гана како селектор имаше четворица српски стручњаци (Милан Живадиновиќ, Ратомир Дујковиќ, Милован Рајевац и Горан Стевановиќ). Тие доживеаја дебакл на тековниот Африкански куп на нации со испаѓање во групната фаза, по што Крис Хјутон доби отказ.
Гана шест пати беше најдобра во Африка, но од 2015 година и играњето во финалето немаат забележано значаен резултат. Просинечки е без работа од септември минатата година кога го напушти хрватскиот Рудеш.
(ФОТО: ЕПА-ЕФЕ/ХРИСТИЈАН)