Русија заплени швајцарски часовници

LinkSense.mk

Руските власти заплениja луксузни часовници „Аудемарс Пикет“ (Audemars Piguet), вредни неколку милиони долари. Швајцарските медиуми јавуваат дека часовниците од продавницата ги заплениле агенти од безбедносните служи поради, наводно, кршење на царинските правила, јавува Би-Би-Си. Запленувањето дојде само неколку дена откако Швајцарија ја напушти својата традиционална неутралност и им се придружи на западните земји во воведувањето санкции кон Русија поради нејзината инвазија на Украина.

Од швајцарска страна се уште нема официјална потврда за оваа информација, но нивната влада извести дека новата швајцарска забрана за извоз на луксузни стоки во Русија веќе предизвикува „неизвесност“ кај некои компании. Часовниците „Аудемарс Пикет“ може да чинат повеќе од 921.000 долари по парче, а според швајцарскиот весник „НЗЗ ам Зонтаг“ (NZZ am Sontag), часовниците ги заплениле агенти кои работеле за руската безбедносна служба ФСБ од московската филијала на „Аудемарс Пикет“. Истите тие агенти својата акција очигледно ја оправдуваат со тврдењето дека при увозот на споменатите часовници во Русија биле прекршени локалните царински правила.

По руската инвазија на Украина, луксузниот швајцарски бренд „Аудемарс Пикет“ соопшти дека престанал со работа во Русија, а на нивната официјална веб-страница беше објавено дека нивните две филијали во Москва се „привремено затворени“.

Швајцарија минатата година во Русија извезла часовници во вредност од над 280 милиони долари, но тој пазар би можел да вреди многу повеќе со оглед на бројот на руски купувачи кои купуваат луксузни производи во Швајцарија.

Руските власти велат дека во последните недели покажале зголемена подготвеност да запленат имот од странски компании кои се обидуваат да го намалат нивниот бизнис во Русија.

Стотици изнајмени странски патнички авиони вредни речиси 10 милијарди долари се уште стојат приземјени на московскиот и на другите аеродроми во државата, а на нивните сопственици им се одбиени барањата за враќање на авионите.

Да потсетиме, претходно овој месец поранешниот руски претседател Дмитриј Медведев рече дека новиот закон ќе и овозможи на Русија да го национализира имотот на западните компании кои се повлекуваат од земјата.