Салехи: Иран има право да преземе акции против терористите кои ја нападнаа нуклеарната постројка Натанц

Шефот на иранската нуклеарна програма, Али Акбар Салехи, синоќа изјави дека Техеран го задржува правото да преземе мерки против извршителите на „терористичкиот“ напад врз нуклеарната централа Натанц, додека израелското јавно радио извести дека израелската разузнавачка служба Мосад стои зад нападот.

Иран вчера информира за тешкотии во дистрибуцијата на електрична енергија што е предизвикана од инцидент во Натанц, во пустината во провинцијата Исфахан, што е во срцето на иранската програма за збогатување на ураниум, а е следена од МААЕ.

Бехруз Камалванди, портпаролот на иранската организација за атомска енергија, вчера кажа дека „инцидентот не предизвикал жртви или радиоактивна контаминација“.

Салехи рече дека вчерашната несреќа во иранската нуклеарна централа Натанц е резултат на „терористички акт“.

Израелското јавно радио „Кан“, повикувајќи се на неименувани разузнавачки извори, соопшти дека израелската разузнавачка агенција Мосад извршила кибер напад врз иранската нуклеарна постројка. Радиото додаде дека штетата во фабриката во Натанц е многу поголема отколку што признал Иран.

Официјален Тел Авив, кој го обвинува Техеран дека сака да произведе нуклеарно оружје, не даде коментар за инцидентот. Премиерот Бенјамин Нетанјаху, вчера, на церемонијата по повод 73-годишнината од формирањето на државата Израел, на која присуствуваа највисоките израелски воени и разузнавачки претставници, не го спомна директно Натанц, изјавувајќи дека „борбата против иранската нуклеаризација … е огромна задача“.

Салехи изјави дека меѓународната заедница и Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) мора да се справат со нуклеарниот тероризам и дека „Иран има право да преземе мерки против насилниците“.

Со цел да им се спротивстави на целите на оние кои стојат зад терористичкиот напад (…), Иран, од една страна, ќе ја подобри својата нуклеарна технологија и, од друга страна, ќе ги укине санкциите на САД, рече шефот на иранската нуклеарна програма .

Несреќата во Натанц се случи еден ден откако Иран лансираше напредни центрифуги за збогатување ураниум во фабриката на Националниот ден на нуклеарната технологија.