Санкции: Руската амбасада во Ирска остана без греење

LinkSense.mk

Руската амбасада во Ирска има проблеми со снабдувањето со нафта за греење. Фирмите со кои досега соработувала одбиваат да ја снабдат со залихи, па таа сега се обидува да набави 3.000 литри нафта, од некој надвор од главниот град.

Амбасадата лоцирана во Даблин дури им пишала на ирските власти барајќи помош бидејќи на персоналот му снемува гориво за топла вода и греење.

Русите беа очајни. Бараа 3.000 литри нафта за греење што е можно поскоро. Беа подготвени да платат однапред, пред испорака. Парите не беа проблем, ќе платат колку што бараме, изјавил за Ајриш Мирор (Irish Mirror) извор од една нафтена компанија.

Им снема нафта, имаат уште нешто малку, веројатно ќе можат да истраат до викендот. Амбасадата стапи во контакт со неколку нафтени компании во Даблин, а потоа се обиде и со фирми во областа, додаде изворот кој тврди дека неговата компанија одбила да испорача нафта за греење на руската амбасада поради, како што наведе, ѕверските убиства во Украина.

Не е познато дали руската амбасада во меѓувреме успеала да обезбеди количина на нафта за греење.

Ирскиот вицепремиер, Лео Варадкар, ја коментираше целата ситуација и рече дека „нема симпатии кон руската влада и руската амбасада“.

Ирските власти проверија дали се обврзани да и пружат помош на руската амбасада според правилата на Виенската конвенција и дојдоа до заклучок дека Министерството за надворешни работи „не може да ги принудува компаниите да работат со Русите“.

Руската амбасада соопшти дека се работи за дискриминација и испрати протестно писмо до ирскиот министер за надворешни работи Сајмон Ковени.