Саутгејт: Оваа екипа е посебна, ќе бидеме добро

LinkSense.mk

Селекторот на фудбалската репрезентација на Англија, Гарет Саутгејт рече дека нековата екипа мора да го преболи поразот од Хрватска во полуфиналето на Светското првенство и да сфати каква прилика пропушти, пред да извлече позотивни работи од својот позитивен настап на турнирот.

Англија вчера после продолжетоците загуби од Хрватска со 2:1, во полуфиналето на Светското првенство, па во сабота од 16 часот ќе игра против Белгија во натпревар за третото место.

Англија се обиде после 52 години да се пласира во финале на Мундијалот. Пред турнирот екипата не беше меѓу фаворитите за освојување на трофејот, но после добрите резултати, се чини, е вратена вербата кај навивачите во репрезентацијата и селекторот.

„Не боли овој пораз, но дали очекувавме дека ќе бидете тука? Мислам дека никој од нас не очекуваше. Но, кога ќе дојдете во ваква ситуација и ќе играте толку добро како што ние игравме… Сакате да ги искористите ваквите прилики. Ќе има прилики за позитивни работи, сега е прерано, затоа што мораме да го преболиме поразот“, рече Саутгејт, пренесоа британските медиуми.

Англија последен пат во полуфиналето на некое натпреварување била во 1996 година на Европско првенство, кога Саутгејт беше член на тимот. Последен пат во финалето на Мундијалот Англичаните играа во 1990 година. Саутгејт вели дека се обидува да ја избалансира гордоста која ја чувствува кон својата млада екипа и фактот дека приликите, каква што беше оваа во Русија, се ретки.

„Ова беше сјајна можност и никој не може да гарантира дека повторно ќе ни се укаже. Но, ние сакаме да бидеме екипа која влегува во четвртфиналиња и полуфиналиња, кон тоа тежнееме и покажавме дека тоа е навистина можно. Си докажавме на себе и на сите во нашата земја дека тоа е можно, сега имаме поголеми очекувања“, наведе тој.

Англија на стадионот Лужњики поведе со голот на Киран Трипие во петата минута од слободен удар, а Хрватска со головите на Иван Перишиќ во 68 и Марио Манџукиќ во 109 минута успеа да победи.

„Не знам дали заслуживме подобар резултат. Во првото полувреме бевме навистина добри и можеби можевме да постигнеме уште еден гол. Во одреден период имавме шанси. Во второто полувреме, кога постигнаа гол, малку како да ја загубивме главата. Во поедини моменти само се снаоѓавме, место да се обидуваме да го контролираме натпреварот“, рече Саутгејт и наведе дека Хрватска била подобра во продолжетоците, дека имаат неколку исклучителни играчи и извонреден тимски дух.

Англискиот репрезентативец Маркус Рашфорд рече дека неговата екипа е само на почетокот.

„Тешко ни е, но оваа екипа е посебна, ќе се вратиме. Се надевам дека ова е само почеток“, наведе тој.