СДСМ: Го остваривме стратешкиот и националниот интерес

LinkSense.mk

„Македонија доби покана да стане 30-та земја членка на НАТО, да стане рамноправен партнер на демократските и развиени земји. Ова е остварување на нашиот врвен стратешки и национален интерес, поставен уште од осамостојувањето“, рече денеска на прес конференција генералниот секретар на СДСМ Александар Кирацовски.

Се остварува, посочи Кирацовски, заложбата на сите досегашни влади, на сите досегашни парламентарни состави. Се остварува, истакна, клучната цел на нашата генерација: Македонија да биде стабилна, безбедна, сигурна и напредна држава, во сојуз со демократскиот свет.

„Членството во НАТО не носи само загарантирана безбедност и сигурност. Членството во НАТО носи влез на нови и сериозни странски инвестиции, зајакната конкурентност и зголемена доверба во економијата, нови работни места и поквалитетни услови за живот на сите граѓани во Република Македонија. После деценија порази, после години минати во изолација и неизвесност, Македонија денес гордо чекори напред. Стануваме дел од големото евроатланско семејство на кое вредносно и цивилизациски му припаѓаме“, рече Кирацовски.