СДСМ: Мицкоски вчера доживеа дебакл

„Христијан Мицкоски вчера доживеа дебакл на своите протести. Граѓаните потврдија, не сакаат блокади. Вчерашните протести на Мицкоски беа со едвај 13 членови на ВМРО-ДПМНЕ и 14 коли, немаше никој друг. Граѓаните покажаа дека не се за блокади и саботажи. Народот одамна не им верува на лагите од ‘Белиот дворец’. Фактот што овие издишани протести се случуваат во период кога во тек е дипломатска офанзива за деблокирање на евроинтегративниот процес, покажува дека очигледно Мицкоски чувствува страв од тоа дека државата може да направи исчекор кон ЕУ“, рече на прес-конференција портпаролот и пратеник од Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Костадин Костадинов.

„Мицкоски се плаши од можен успех на државата, од реализација на стратешките интереси. Затоа шири лажни вести, измислува непостоечки сценарија, затоа блокира важни процеси во Собранието, затоа организира протести на кои неговите соработници треба да му го чуваат стравот“, истакна Костадинов и додаде дека Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ можат да продолжат да кочат и блокираат, но дека тоа нема да го смени фактот дека се на погрешната страна од интересите на граѓаните и државата.

Додека СДСМ, парламентарното мнозинство, Владата институциите, посочи Костадинов биле посветени на забрзана интеграција кон ЕУ, на реформи што го подобруваат животот за сите, Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ биле посветени на деструкции, на лажни вести и манипулации. Тоа, според него, била огромна, суштинска разлика што граѓаните ја гледале и чувствувале.

„Затоа ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски се таму каде што се, во длабока опозиција, каде долго и ќе останат бидејќи постојано работат на штета на државата и граѓаните“, заклучи Костадинов, наведувајќи дека граѓаните можат да бидат спокојни, оти тие, од СДСМ, не се помирувале со блокади, ниту се откажувале кога ситуацијата е тешка и неизвесна и дека, без оглед на се, продолжувале да работат за граѓаните и за државата, и продолжувале да работат за подобра иднина за сите.