СДСМ најавува разврска на „Гордиевиот јазол“

По петдневна пауза, Собранието на Република Македонија утре треба да ја продолжи конститутивната седница на која се расправа за избор на Комисијата за прашања на изборите и именувањата.

На програмата е тринаесеттото продолжение.

Собранието е заглавено во реплики, процедурални забелешки и различни толкувања на деловникот.

Се расправа за се друго, освен за темата која е на дневен ред.

Ситуацијата е крајно неизвесна. Во моментов не се гледа некаква промена на состојбата.

Како по правило, од 30 декември до сега, одвен во викендите и празничните денови кога Собранието не заседава, пратениците од ВМРО-ДПМНЕ бараат СДСМ да се откаже од платформата од Тирана и дека тоа, според нив, е клучот за излез од политичката криза или да се распишат предвремени парламентарни избори заедно со локалните, а социјалдемократите, пак, сметаат дека со расправата не се почитува собранискиот деловник и дека пратениците од ВМРО-ДПМНЕ дискутираат за теми кои воопшто не се во допир со точката на дневниот ред.

Во меѓувреме Социјалдемократите најавија порешителни чекори.

Рекоа дека имаат „волшебна формула“, дека знаат како до изборот на претседател на парламентот, а потоа и нова влада.

Велат дека наводно имаат моќ да го расплеткаат неразврзливиот собраниски гордиев јазол.

Мнозинството, избрано од 700 илјади гласачи, како што велат од партијата, ќе влезе поодлучно во реализација на изборот на граѓаните.

Тие не откриваат што предвидува нивниот план за „пробивање“ на блокадата со која веќе неколку недели се соочува парламентот.

Дали ќе се случи деблокирање на Собранието и кои се „елементи“ ги содржи „формулата“ на СДСМ останува да видиме во наредниве денови.