СДСМ: Никој не може да ја спречи правдата

Пропадна најголемиот, најочајниот и најнискиот обид за судски монтиран процес во независна Република Македонија, инициран од поранешниот премиер Никола Груевски.

Со денешната одлука на Специјалното јавно обвинителство, да се откаже од обвинителен акт против претседателот на СДСМ, Зоран Заев и другите лица во таканаречениот случај „Пуч“ – и официјално се потврди дека “странските служби, жолтите комбиња, тактичката опрема, клонираните базни станици“ се несовесна и безобразна измислица на Никола Груевски.

Груевски, фатен во скандалот со нелегалното прислушување заедно со неговиот братучед Сашо Мијалков, ги лажел за свои интетеси граѓаните на Република Македонија!

Таканаречениот случај „Пуч“ ќе остане запишан во историјата на Македонија како еден од обидите на режимската власт за прогон на политички противници, но и како доказ, охрабрување и поука, дека никој и ништо не може да застане на патот на вистината и на правдата.

Македонија никогаш повеќе нема да биде темен вилает без правда и законитост.

Помина времето кога обвинетиот Груевски и негови соработници можеа да нарачуваат истраги, пресуди и да монтираат судски процеси.

Почнати се демократските процеси во Македонија, доаѓа време на правда, сигурност и одговорност на граѓаните, кога секој ќе биде еднаков пред законите, се вели во соопштението на СДСМ.