„Енергетските политики на СДСМ даваат резултати. Владата предводена од СДСМ спроведува стратешки инфраструктурни проекти за енергетски сигурна и стабилна иднина. После 13 неуспешни тендери во изминатите 20 години, стартува со реализација најважниот енергетски проект во државата, хидроелектраната Чебрен, инвестиција од над 1 милијарда евра“, се наведува во соопштението за јавност на владејачката СДСМ.
Социјалдемократите велат оти новиот енергетски капацитет од 333 мегавати целосно ќе ги задоволи потребите на над 250 илјади домаќинства со просечна потрошувачка на струја.
Патем, истакнуваат дека ВМРО-ДПМНЕ 11 пати објавувале тендери за реализација на Чебрен и не успеале, а дека СДСМ направиле успешна постапка со што овој проект влегува во фаза на реализација.
Меѓу другото, напоменуваат и дека со успешната постапка се заштедиле 100 милиони евра, пари на граѓаните. Целата инвестиција од над 1 милијарда евра била обврска на инвеститорот, Македонија нема да потроши ниту денар за објектот, а ЕСМ ќе има 30% сопственост.
„Со овој огромен, многу значаен енергетски капацитет, се зголемува енергетската независност на нашата држава и стабилноста на енергетскиот систем, но и се намалува производството од јаглен. Енергетските успеси на СДСМ се реалност. За нецела година за 140 % е зголемена инсталираната моќност на капацитетите од обновливи извори, ивозот на струја е пеполовен од 30 на 15% благодарение на овие инвестиции, цената на електричната енергија во време на енергетска криза е стабилна, а од 1 декември повторно стартува дневната евтина тарифа на струјата. СДСМ има резултати што прават разлика“, се вели во соопштението.