СДСМ: Ќе ја укинеме партиципацијата за болничко лекување

Новата реформска влада ќе ја укине партиципацијата за болничко лекување, рече денеска на прес-конференција Јагода Шахпаска, пратеничка и членка на Комисијата за здравство на СДСМ.

Таа посочи дека ќе има бесплатно болничко лекување за сите осигуреници и секој граѓанин ќе го добие потребното болничко лекување.

– Здравјето на граѓаните е врвен приоритет за новата влада. Затоа сме цврсто определени да создадеме квалитетно, ефикасно и модерно јавно здравство според успешни примери од европски земји. Освен што ќе го направиме бесплатно болничкото лекување за сите, ќе овозможиме и достоинствени услови за лекување на клиниките. Ќе изградиме нов, современ, функционален, универзитетски Клинички центар што ќе обезбеди висококвалитетни услуги на граѓаните од целата држава – рече Шахпаска.

Таа нагласи дека ќе го преиспитаaт тендерот за Клиничкиот центар, кој како што рече, е ветен во 2012 година, а до денес единствен резултат се само тарабите.

– Тендер-политиките ќе заминат заедно со овие неодгворни политичари. Новата влада ќе изгради, реконструира и ќе ги опреми другите општи и клинички болници во Македонија за да осигури дека секој граѓанин ќе ја добие потребната здравствена грижа. Ќе го олесниме и патот на граѓаните до потребниот лекар и медицинска услуга. Проектот „Мој термин“ ќе го надградиме во систем што гарантира брза и квалитетна здравствена заштита на секое ниво – рече Шахпаска.

Таа посочи дека пациентот ќе биде во центарот на вниманието, ќе ги растоварат докторите од непотребните и обемни административни процедури.

– И ќе покажеме вистинска грижа за лекарите и за медициснкиот персонал на кои ќе им овозможиме професионална работа и мотивација да останат да работат во јавното здравство, наместо да заминуваат од него. Тоа ќе го постигнеме со зголемување на основната плата за 100 проценти за сите здравствени работници.  За сето ова да почне да се остварува, неопходно е во најкусо време претседателот Зоран Заев да го добие мандатот и новата реформска влада да почне да работи во интерес на сите граѓани – додаде Шахпаска.