Сеад, јунаку, врати се!

Информацијата дека Сеад Кочан ќе биде недостапен на органите на прогонот не ме изненади ни малку. Да, да, знаев дека ќе оди на „службен пат“. Не знаев само точно во колку часот е тргнувањето.

Ќе оди, зошто и да не појде. Ептен чесно ги заработи седумнаесетте милиони евра. Со Василије Авировиќ и Сафет Ватиќ се отепале од работа.

Зошто бе, пријателе Сеад, замина на „службен пат“? Знаеш ли дека кукавичлукот и анемичните реакции се одлика на малите луѓе?

Сеад, да живееш храбро значи да живееш од срце. Само слабите луѓе бегаат, во потрага по некоја „сигурност“.

Се плашиш, нели, дека кога ќе влезеш во притвор ќе те напуштат одредени пријатели, се плашиш дека поради тоа што ќе бидеш таму нема да те сакаат?

Ќе си го загубел, демек, образот ако одиш во Шутка…

Не, бе пријателе, тоа не може да се случи. Биди спокоен. Не може човек да загуби нешто што никогаш не го имал. Мораш да знаеш дека „ниедна птица не лета превисоко ако лета со своите сопствени крила“. Ме разбираш што сакам да ти речам, нели?

Знаеш, на човека на почетокот соништата му се чинат невозможни, потоа му се неверојатни, а накрај стануваат неизбежни.

Претешко е, пријателе, во денешно време во Македонијава да живееш со чистота, со светост и верност. Таков не ќе те сакаат никаде. Слушај ме што ти велам. Од искуство ти кажувам. Не ќе живееш, ќе преживуваш. Тешко е да се живее тука ако не си „патриот“.

Јас па, замисли, да сум ти бил „продадена душа“.

Зошто!? Како зошто!?

Затоа што, Сеад, не сум украл ништо и никој со ништо не ме задолжи. Бев на протести и фрлав со боја не затоа што некој друг така сакаше, туку затоа што мислев дека така треба, затоа што јас така сакав. Заради тоа што ни се деградирани културата, здравството и образованието. Тоа го правев од потребата од правда, за враќање на достоинството на обичниот човек. Затоа што барав и барам државата да се врати назад во рацете на граѓаните, таму каде што и е местото, каде што вистински припаѓа. Затоа што сакам ќерката тука да остане да живее. Затоа што сум против партизирани, клиентилизирани и нефункционални судови, против државни институции подложни на манипулации, затоа што барав и барам апашите што украдоа милиони евра државни средства да ги вратат парите назад во заедничката каса. Ете затоа. Ете затоа не сум патриот.

И Љупчо од Неготино, знам, не е за државава, ниту Тоше од Валандово, уште помалку Јетон, Мики, Јане, Крсте, Ерџан, Јоцо, Аце Диневски, Зоран Божиновски, чичко Љубе од Куманово, Сашко од Велес.

Ние сме, замисли, злостоници, а таквите како тебе, демек, се чеда господови, Македонци. Море не Македонци, туку Македончишта.

Ти, Сеад, рака на срце, се покажа ептен јуначиште, големо патриотиште. Е, сега, не баш колку што ти се менторите, ама се гледа дека си „за Македонија“.

Кога го зеде првиот милион, пријателе Сеад, што ти се чинеше?

Кога виде дека за измамата нема никакви реакции од институциите тогаш доби за право да мислиш дека имаш право да се размафташ со крилата, па да земеш се од ред… Не, бре, не оди тоа така.

Вакви случаи, како ова твоево, кои ги навредуваат логиката и умот, има колку сакаш…

Зошто, Сеад, не се одважиш и, ако нели не си виновен, таа твоја чесност не ја докажуваш пред суд, и тоа не пред народниот, туку пред „Вашиот суд“? Влези во притвор па докажувај дека седумнаесетте милиони евра не сте ги украле.

Паметам, кога бев во затвор, тогашната директорка на установата во петоците кога правеше обиколка на притворениците не пропушташе прилика да ме потсети дека и затворот е за луѓе. И тоа траеше така со месеци.

Човекот, пријателе, мора да биде доволно голем за да ги признае своите грешки, доволно паметен од нив да има корист и доволно силен да ги исправи.

Туку, само да се 17. Некои, да ти кажам право, велат дека кражбата е меѓу 200 и 250 милиони евра. Ама, ајде, да не зборам пред рака. Тоа судот ќе го каже.

Сепак, колку и да се милиони евра во прашање добро ќе е да се почне од некаде.

Од овој случај, уверен сум, ќе излезат уште многу кривични дела со кои обвинителството треба да се занимава. Даниела да не не знаеше дека ќе одиш на службено патување, м? Знаеше, знам и знаеш дека е така.

А, што се тие што ги бранат крадците? Нели се тие соучесници во кражбата?

Сиромашките тие судии, сами и незаштитени, препуштени на милост и немилост на бесна толпа незадоволни кои само сакаат судовите да судат правично и според правото и законот, а не по нечија политичка волја и влијанија. За по два-три гроша станаа асистенти и адвокати на ѓаволот…

Искрено, Сеад, не верувам дека овие судии ќе ти сторат нешто.

Освен ако менторите не те пуштиле „низ вода“, што и не е за чудење.

На крај ќе ти кажам што кажал Иво Андриќ многу одамна .

Андриќ рекол: „На овие простори на секои 50 години доаѓа време кога паметните замолчуваат, будалите проговоруваат, а курвите се богатат“

………….

ПС: Пријателе Сеад, сакам да ти посочам на уште една многу работа, за која верувам дека сега размислуваш, додека си таму каде што си, на „службен пат“.

Јас не украдов ништо, само исправав „криви Дрини“, докажував кој е во право, а кој не е, и добив 4,5 години затвор. На другите со мене што беа во група, тројца да споменам ги судеа според непостоечки закон, им дадоа од година и пол до пет.

На оние што ги уапсија во акцијата „Милка“, ако паметиш демек шверцувале крави, им закачија кому како, ама најголемата беше пет години. Едно момче од нив не стаса да наполни 30 години. Како резултат на нервоза се разболе и почина.

Петнаесетмината уапсени во „Керозин“ за, наводно, направена штета кон државата од три милиони евра, иако таа иста држава Македонија им должи двојно повеќе, добија меѓу три и десет години.

Седумината во местенката „Детонатор“, обвинети прво за организирање на нелегано обложување, а кога тоа не помина за организирање на атентат, се осудени на по седум, десет и петнаесет години затвор …

А, Велија и тие со Велија, а Љубе и другите со него, а докторот Ставриќ ….

Е, па, сега види ти колку треба….  Пресметај!