Северна Кореја им се заканува на Американците: „Ќе ве збришеме!“

На официјалниот сајт на Северна Кореја се појави предупредување дека Пјонгјанг ќе ги „збрише“ САД ако Вашингтон почне војна на Корејскиот полуостров

Ударната група на американската морнарица „Карл Винсон“ ќе биде во водите во близина на Корејскиот полуостров за неколку дена, како што во саботата изјави потпретседателот на САД, Мајк Пенс, непосредно пред најавата дека Северна Кореја се подготвува за шестиот нуклеарен тест.

Се верува дека Пјонгјанг не поседува технологија која би им овозможила да изработат ракета која е способна да стаса до американското копно, но само овој месец се спроведени два ракетни теста, а реториката е заострена, пренесува АФП.

Во неколкуте воведници кои се појавија во официјалното гласило на севернокорејската Работничка партија, Родонг Синмун, се наведува дека земјата не е воопшто загрижена од доаѓањето на ударната група на американската морнарица.

„Таквите закани можеби би уплашиле медуза, но тоа никогаш не ќе успее со Северна Кореја“, пишува во вчерашниот Родонг.

Еден ден претходно беше објавено дека револуционерните сили на Северна Кореја „борбено се подготвени да го потопат нуклеарниот носач на авиони на САД со еден удар“.

Реториката на Пјонгјанг се интензивира секоја пролет, кога САД и Јужна Кореја изведуваат заеднички воени вежби кои тие ги гледаат како проби за напад.

Во воведникот се наведува дека доаѓањето на ударната група е доказ дека инвазијата на Северна Кореја се ближи, а авторот на текстот оценува дека тоа е лоша проценка на Вашингтон да ги споредува Северна Кореја и Сирија која, откако САД лансираа крстаречки ракети на воздухопловната база Шајрат, моментно не одговори со противнапад.

„Светот сега ќе биде сведок како нуклеарните носачи на авиони од Вашингтон се претвараат во огромни купишта челик закопани во море и како земјата под името Америка ќе биде збришана од лицето на Земјата“, се вели во воведникот.

Постои и загриженост дека Северна Кореја ќе спроведе уште еден тест во рамките на денешното одбележување на 85-годишницата од основањето на Корејската народна армија (КПА).

Северот никогаш не тестирал интерконтинентална балистичка ракета со дострел таа да може стаса до брегот на САД, иако има амбиции да развие една таква ракета.

Не е познато дека доволно ја смалија атомската технологија за да можат да стават нуклеарна боева глава, пишува АФП.

Официјални лица на САД, кога е Северна Кореја во прашање, предупредија дека „сите опции се на маса“, вклучувајќи и воен удар.