Сенатот на САД го поддржа влезот на Финска и Шведска во НАТО

LinkSense.mk

Американскиот Сенат ја одобри резолуцијата за ратификација на членството на Финска и Шведска во НАТО, чија цел е зајакнување на Алијансата во време кога трае војната во Украина.

Поддршка за ратификацијата на документите за пристапување на двете земји во НАТО дадоа 95 сенатори, а еден беше против.

Ова значително го надмина двотретинското мнозинство од 67 гласови потребни за ратификација на пристапните документи.

Сенаторите од двете партии, и демократите и републиканците, силно го поддржаа членството на Финска и Шведска во НАТО, опишувајќи ги како важни сојузници чии модерни војски веќе имаат блиска соработка со Алијансата.

Единствениот кој гласаше против беше републиканецот Џош Хејли.

Откако Сенатот ги одобри протоколите за пристапување на двете земји во НАТО, американскиот претседател треба да го потпише инструментот за ратификација на спогодбата.

Шведска и Финска аплицираа за членство во НАТО како одговор на рускиот напад на Украина на 24 февруари.

НАТО формално ги покани двете земји да се приклучат кон сојузот на крајот на јуни, но пристапот на Финска и Шведска мора да биде ратификуван од парламентите на сите 30 земји-членки за да бидат заштитени во склад со членот пет, одбранбената клаузула на НАТО во која се вели дека напад на еден од сојузниците е напад на сите.

Процесот на ратификација може да потрае и до една година.