Приватната платеничка група „Вагнер“ ги користела социјалните мрежи за да регрутира оператори со беспилотни летала, медицински лица и психолози за да учествуваат во борбени операции, вклучително и војната во Украина, пишува „Политико“, повикувајќи се на нивно ексклузивно истражување.
Во текот на изминатите 10 месеци, огласите за работа на „Вагнер“ на Твитер и Фејсбук достигнаа речиси 120.000 прегледи.
Објавите за различни слободни работни места во групата се на многу јазици, меѓу другите и на француски, виетнамски и шпански, а вклучуваат листа на телефонски броеви и профили на Телеграм.
„Политико“ пишува дека Вагнер нуди 240.000 рубли (3.190 долари) месечно и многу бенефиции, вклучувајќи и здравствена заштита.
„Не беше можно да се утврди колку биле успешни рекламите, но речиси е сигурно дека ги прекршиле условите за користење на Твитер и Фејсбук“, се наведува во текстот.