Претседателот на општинската организација на СДСМ во Ѓорче Петров, Кристијан Јовановски, алармира дека градоначалникот на Ѓорче Петров, Александар Стојкоски, општината ја направил една голема депонија, иако пред да дојде на функцијата им ветил на граѓаните дека проблемот ќе го решава брзо и одлучно.
„Ова зад мене е приватен имот во Орман, во близината на реката Лепенец, претворен во дива депонија, каде што товарни возила истураат токсичен и канцероген отпад. Истотака и општински камиони ја полнеле оваа дива депонија со ѓубре“, нагласува Јовановски во видеото објавено на Фејсбук, снимено на посочената локација.
Јовановски потсети на објава на Фејсбук на Стојкоски, од август 2021 година, пред да стане градоначалник на Ѓорче Петров, во која тој потенцира дека наводно постоеле видео снимки на кои се гледа како камион во сопственост на општината депонира отпад на нелегална депонија и во таа пригода најави брзо решавање на овој проблем кој, напиша, го загрозувал здравјето на граѓаните.
„Ова е објава на градоначалникот Александар Стојкоски пред тој да биде градоначалник. Денеска откако ја извршува оваа функција, од него немаме никаква реакција, ниту еден пишан збор за видеата кои пред некој ден се објавија, на кои се гледа како општинските камиони депонираат отпад во нелегалната депонија во Орман, што потврдува дека Стојкоски едно зборува кога е во опозиција, а сосема друго прави кога ја практикува власта. Наместо, како што ветуваше, брзо и одлучно решавање на проблемите со дивите депонии, единствено што направи е брзо претворање на целата општина во една огромна депонија во името на личниот профит, штетно по здравјето на граѓаните“, реагира Јовановски.