Се здружуваат „Фијат“ и „Пежо“

„Фијат Крајслер“ и „Пежо ПСА“ соопштија дека ќе ги здружат силите по пат на размена на акции на основа на „пола-пола“.

Така ќе ја формираат четвртата по големина светска групација во секторот – производство на автомобили, јавува Ројтерс.

Управните одбори на двете компании дале овластувања на своите тимови да ги завршат разговорите и да направат обврзувачки меморандум за разбирање во наредните недела-две, се наведува во заедничкото соопштение на овие производители на автомобили.

Претседателот на „Фијат Крајслер“ Џон Елкан ќе претседава со здружената група, додека главниот извршен директор на „Пежо“ Карлос Таварес ќе биде генерален директор.

Договорот доаѓа во моментот кога производителите на автомобилиу се соочуваат со глобален пад на побарувачката и настојуваат да развијат технолошки напредни, чисти модели на автомобили за да ги исполнат се поострите прописи против загадувањето на воздухот.

Се проценува дека ова спојување, кога ќе биде завршено, ќе генерира синергија од 3,7 милијарди евра годишно, без какво било затворање на погоните, се наведува во соопштението.

Пред заклучувањето на договорот, „Фијат Крајслер“ на своите акционери ќе им исплати специјална дивидента од 5,5 милијарди евра и ќе им подели акции во новата целосно роботизирана единица „Комау“.

„Пежо“, пак, на акционерите ќе им подели 46 отсто акции во својата фабрика за производство на авто-делови „Форесија“.

Францускиот министер за финансии, Бруно ле Мер, го поздрави овој договор, оценувајќи дека тоа на овие автомобилски групации ќе им обезбеди потребен минимум средства за вложување во почисти технологии и за исполнување на барањата на индустријата.

Здружената група, чие седиште ќе биде во Холандија, ќе има Управен одбор од 11 членови. Шест членови ќе бидат од „Пежо“, вклучувајќи го и главниот извршен директор Таварес, а меѓу останатите пет од „Фијат Крајслер“ ќе биде претседавачот Елкан.

Акциите на заедничката компанија ќе бидат лансирани на берзите во Париз, Милано и Њујорк, наведува Ројтерс.