Во текот на изминатите три недели се бележи намалување за триесет отсто на новозаболените од Ковид-19 на подрачјето на тетовскиот регион.
Неделава што измина од 14 декември до 20 декември се бележат 206 новозаболени, од 7 до 13 декември имало 286, а од 30 ноември до 6 декември 293.
До изутрината 39 пациенти се на болничко лекување во Клиничката болница во Тетово и ковид–центарот.
Најмногу досега имало 51 лице на болничко лекување.
„За нијанса е подобра состојбата изминатата недела. Викендов нема смртни случаи. Кај хоспитализираните пациенти бележиме опоравување, но има и такви кои се соочуваат со секундарни последици од Ковид-19, како што се проблеми со бели дробови, невролошки потешкотии, засилена коагулација и слично“, изјави д-р Гзим Нуредини, координатор во ковид-центарот.
Неделата што измина се бележат вкупно девет смртни случаи на возраст од 50 до 81 година.