Се појави лекарот од Сибир кој го лекуваше Навални

Лекарот од Сибир, Александар Мураховски, кој минатата година го лекуваше рускиот опозициски лидер Алексеј Навални, се појави денеска откако беше пријавен за исчезнат за време на лов, пренесоа руските медиуми, повикувајќи се на регионалната влада.

Потрагата беше покрената во шумите на регионот Омск, кој се наоѓа на околу 2.200 километри источно од Москва, откако Мураховски во петокот ја напуштил ловната база во шума со теренско возило и оттогаш не бил виден.

Мураховски сам излегол од шумата и воспоставил контакт со жителите на селото Басли, јави новинската агенција РИА повикувајќи се на соопштение на регионалната Влада на Омск. Тој бил во „нормална состојба“, но сепак бил прегледан во Окружната болница Бојесеуковски, како мерка на претпазливост.

Мураховски беше главен лекар во болницата во Омск, Сибир, каде се лекуваше Навални, најгласниот критичар на претседателот Владимир Путин. Мураховски подоцна беше унапреден во регионален министер за здравство.

По напнатите преговори со властите, Навални беше префрлен на лекување од Омск во Германија, потсетува Хина.

Лабораториските тестови во три европски земји, потврдени од глобалниот орган за надзор на хемиско оружје, открија дека Навални бил отруен од нервен агенс Новичок.

Кремљ постојано ги негираше обвинувањата дека руските власти се обиделе да го убијат Навални.

Рускиот опозиционер е во затвор од февруари и тврди дека е таму поради измислени обвинувања.