Се случи ли во Буча геноцид? Што е геноцид?

LinkSense.mk

Украина ја обвини руската војска дека „свесно извршила колеж“ во Буча, каде што по повлекувањето на руските војници се пронајдени масовни гробници и стотици тела.

Новинари на агенцијата Франс прес во саботата во Буча пронајдоа тела на најмалку 20 мажи во цивилна облека расфрлани на патот и на тротоарот.

Сите овие луѓе се убиени со куршум во глава“, рече Анатолиј Федорук, градоначалник на Буча.

Речиси 300 тела се закопани во масовни гробници, додаде тој.

Портпаролот на украинскиот претседател, Серхи Никифоров, за Би-Би-Си изјави дека во Буча по заминувањето на Русите биле пронајдени масовни гробници.

Најдовме масовни гробници. Најдовме луѓе со врзани раце и нозе и со траги од куршуми во главите испукани одзади“, изјави Никифоров за Би-Би-Си.

Јасно е дека тие биле цивили и дека се ликвидирани. Се чини дека тоа се воени злосторства“, рече тој.

На сателитските снимки направени во четвртокот се гледа делумно ископана масовна гробница пред црквата во Буча, канал долг 14 метри, и службеници кои ги отстрануваат телата на украинските цивили.

Федорук изјави за АФП дека властите во Буча „веќе закопале 280 луѓе во масовни гробници“ откако руските единици се повлекле од областа, додавајќи дека улиците се „полни со трупови“.

Градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко, за неделното издание на германскиот весник „Билд“ изјави дека „она што се случи во и околу Киев може да се опише како геноцид“.

Исто е мислењето и на украинскиот претседател Володимир Зеленски, кој при посетата на Буча повтори дека Русија извршила воени злосторства и геноцид во Украина.

Со него се согласува полскиот премиер, кој рече дека „најдените тела на цивилите во Буча и Ирпин, од кои на некои им се врзани рацете зад грб, треба да се класифицира како геноцид“.

Иако е несомнено дека во Украина се убиени невини цивили, се поставува прашањето дали ова злосторство може да се окарактеризира како геноцид. Имено, геноцидот се дефинира како масовно истребување на одредена група луѓе, но кога ќе се погледне во правна смисла, доаѓаме до проблемот околу точната дефиниција.

Терминот геноцид за првпат е употребен во 1943 година од страна на еврејско-полскиот адвокат Рафаел Лемкин, кој го комбинирал грчкиот збор „genos“ (раса или племе) со латинскиот збор „cide“ (да убиеш).

Откако беше сведок на ужасите на Холокаустот, во кој беа убиени сите членови на неговото семејство, освен неговиот брат, Лемкин се залагаше за признавање на геноцидот како злосторство според меѓународното право.

Неговите напори вродиja со плод во 1948 година кога Обединетите нации ја усвоија Конвенцијата за геноцид, која стапи на сила во јануари 1951 година. Членот 2 од Конвенцијата го дефинира геноцидот како кое било од подолу опишаните дејствија, извршени со намера целосно или делумно да се уништи една национална, етничка, расна или религиозна група: (а) Убиство на припадник на група; (б) нанесување на тешка повреда или душевна болка на членови на групата; (в) Намерно подложување на група на услови за живот на кои целта им е нејзино потполно или делумно физичко уништување; (г) Наметнување мерки со намера да се спречи раѓање во групата; (д) Присилно префрлање на деца од една група во друга.

Но, Обединетите нации брзо се најдоа на удар на критики бидејќи не било така лесно да се примени оваа дефиниција во практични ситуации. Некои тврдеа дека дефиницијата е премногу тесна, а други дека била користена толку многу што нејзината вредност се намалила.

Најчестите приговори биле дека: а) Конвенцијата ги исклучува целните политички и општествени групи, б) дефиницијата е ограничена на директни дејствија против луѓето и исклучува дела на уништување на животната средина или културна специфичност, в) многу е тешко да се докаже намерата која не може да се оспори, г) земјите-членки на Обединетите нации не сакаат да ги осудат другите членки или да интервенираат, како што беше случајот во Руанда, д) не постои тело во меѓународно право кое би ги разјаснило параметрите на Конвенцијата, ѓ) проблем со утврдување на точната број на умрени за некое злосторство да се прогласи за геноцид.

Според некои правници, досега имало само еден геноцид – Холокаустот. Други велат дека досега се забележани најмалку три геноциди, според конвенцијата на ОН од 1948 година: турското убивање на Ерменците помеѓу 1915 и 1920 година, Холокаустот, во кој загинаа повеќе од шест милиони Евреи и Руанда, каде што во 1994 година беа убиени 800.000 луѓе, припадници на народите Тутси и Хуту.

Во последниве години, на списокот беа додадени и други случаи, како масакрот во Сребреница, за кој Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија рече дека е геноцид.

Првиот случај во кој Конвенцијата за геноцид беше спроведена во пракса беше случајот на Жан Пол Акајесу, градоначалник на Хуту во градот Таба во Руанда. Во 1998 година, посебен меѓународен суд го осуди Акајесу за геноцид и злосторства против човештвото. Меѓународниот кривичен трибунал за Руанда подоцна за геноцид во таа држава осуди 29 лица.

Што се однесува до војната во поранешна Југославија, Трибуналот во 2001 година за геноцид го осуди Радислав Крстиќ, поранешен генерал на босанските Срби. Генералот подоцна ја обжали пресудата, тврдејќи дека 8.000 убиени луѓе се „премногу безначајна“ бројка за да биде геноцид. Во 2004 година, Трибуналот ја отфрли неговата жалба.

Во 2007 година, поранешниот командант на босанските Срби, Ратко Младиќ, беше осуден на доживотен затвор, откако беше осуден за геноцид, воени злосторства и злосторства против човештвото. Во 2018 година, заради учество во убиството на „Црвените“, на доживотен затвор за геноцид и злосторства против човештвото беа осудени Нуон Чеа (92) и Кие Самфан (87).

Русија: „Се е наместено!“

Рускиот министер за надворешни работи го опиша она што се случи во Буча како „наместен чин“ што се случил неколку дена по повлекувањето на руските сили, пренесе руската агенција ТАСС.

Ние категорично ги отфрламе сите наводи“, изјави портпаролот на Путин, Дмитриј Песков за новинарите, додавајќи, дека руските „експерти во Министерството за одбрана идентификувале знаци на лажни снимки и други поставки“.

Мајкл Кларк, одбранбен и безбедносен аналитичар, изјави за Скај њуз дека таквите одговори се очекувани.

Прво тие негираат се. Потоа се обидуваат да ја заматат водата, создаваат содржини на социјалните мрежи што сугерираат дека сето тоа е многу комплицирано и дека во тоа време се се случило и дека нема едноставни одговори. Неколку години подоцна тие признаваат сè и велат ‘да, да, го направивме тоа’, но вие на Запад ги правите истите работи’“, рече Кларк.