Се тенчи рокот за формирање влада

Остануваат уште пет дена за мандатарот Никола Груевски од ВМРО-ДПМНЕ да објави дали успеал да обезбеди собраниско мнозинство за формирање влада.

Тој досега имаше една официјална средба со лидерот на ДУИ Али Ахмети.

„Двајцата лидери разговараа за актуелната политичка ситуација по изборите и за претстојните предизвици во тој правец“, соопштија од ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ по средбата.

Ахмети оствари средба и со лидерот на СДСМ, Зоран Заев. На неа било разговарано за ставовите што ги застапуваат двете страни во овој период.

Портпаролот на ДУИ, Бујар Османи изјави дека при формирањето нова влада треба да се почитува принципот „победник во македонскиот со победник во албанскиот блок“, обвинувајќи ги медиумите дека вршат притисок за непочитување на овој принцип.

Во изминатиов период партиите на Албанците од Македонија објавија платформа која ќе биде услов за влегување во коалиција со која било македонска политичка партија.

ВМРО-ДПМНЕ неколку пати повтори дека за нив неприфатливи се барањата за двојазичноста и за продолжувањето на мандатот на Специјалното јавно обвинителство и дека за овие две прашања нема да се преговора.

Рокот на мандатарот Груевски за формирање парламентарно мнозинство е 29 јануари.