Се чисти коритото на реката Црн Дрим во Струга

Во неколку фази се чисти речното корито на реката Црн Дрим од устието до вливот во Глобочичко Езеро.

Втората фаза која почнува денеска ќе го опфати делот од „Мостот на поезијата“ до истекот на Црн Дрим, кај Општата болница во Струга, во должина од 765 метри.

Според направените анализи, проценетата количина депониран нанос, како што соопшти Општина Струга, е приближно 14.000 кубни метри. Талогот, посочуваат, го намалува капацитетот на проток и прави нееднаква дистрибуција на брзината на водата, а предизвикува голем ризик од поплавување на населените места.

Чистењето на коритото на Црн Дрим е дел од регионалниот проект за интегрирано прекугранично управување со поплавите и ризиците од поплави, финансиран од Фондот за адаптација на ГЕФ, а се спроведува преку Програмата за развој на Обединетите нации – УНДП, чија цел е да се намали ризикот и штетите од поплавите во регионот на реката Дрим.

– За реализација на овој проект силна поддршка и разбирање дадоа туристичките субјекти и граѓаните за што сакаме да се заблагодариме.

Посебна благодарност до ЕСМ, кои во интерес на проектот подолг период го прилагодуваат нивото на водата и производството на електрична енергија според потребите на зафатот, посочува општинската прес-служба.
.
Втората фаза од проектот, како што е наведено, се очекува да заврши до крајот на овој месец.

Во првата фаза се чистеше истекот на реката Црн Дрим од Охридското Езеро.