По налог на обвинителството, полицијата утринава приведе пет лица, поради сомнежи за продажба на цитостатици и лекови и поради други злоупотреби на Универзитетската клиника за радиотерапија и онкологија во Скопје.
Приведени се поранешниот први луѓе на Клиниката, Нино В. и Нехат Н., и Спиро Д., Славица С. и Елена Џ.
Од обвинителството соопштија дека извршени се претреси на три локации и дека истрагата е во тек, заради што, како што истакнаа од таму, сеуште не можат да изнесуваат детали за случајов, за инволвираноста на лицата во нелегални работи со лекови за болни од рак.
Заради целосно расчистување на случајот, дознаваме, Скопското обвинителство остварило контакт со институции од Косово и Албанија, а во истрагата вклучени биле и троца пациенти.
Дел од приведувањата се одвивале на самата Клиника пред очите на пациентите.
Надлежните од Онкологија информираа дека таму се функционира нормално и сите закажани прегледи и терапии течат тековно, без проблеми.
„Сите закажани пациенти за тековни прегледи, давањето терапии на пациентите, и приемот на нови пациенти функционираат нормално. Работат сите амбуланти. Работиме со полн капацитет и затоа замолувам да не се создава паника. Никој од пациентите нема да биде вратен. Сите ќе ја примат предвидената и планираната терапија“, информираше директорката Виолета Клисарова.
Случајот беше отворен минатата година откако неколку медиуми објавија приказни за наводни манипулации со лекови за тешко болни пациенти. Во новинарските истражувања кои предизвика лавина реакции и протести во земјата, беа изнесени сознанија дека медицински персонал на Клиниката манипулирал со лековите што требало да им се даваат на пациентите, и дека скапите лекови завршувале на црниот пазар.