Скок на цената на нафтата: Барел 120 долари

LinkSense.mk

Цените на нафтата пораснаа на почетокот на новата трговска недела, поради олеснувањето на ковид „локдаунот“ во Кина и планот на Европската унија да го забрани увозот на руска сурова нафта.

Европската нафта Брент ноќва достигна 120,2 долари за барел, по што благо падна на 119,8 долари. Цената на Брент, која претставува референтна вредност на светскиот пазар на нафта, минатата недела ја затвори со добивка од 6,0 отсто, на највисоко ниво во последните два месеци, пренесува „Блумберг“. Американската нафта ВТИ се тргува за 115,8 долари за барел.

Властите во Шангај, кинескиот трговски и деловен центар, им дозволија на сите производители да продолжат со работа од јуни, а владините претставници објавија дека епидемијата на корона вирусот во Пекинг е ставена под контрола.

Покачувањето на цените на „црното злато“ го поддржаа и најавите дека министрите на земјите членки на Европската унија, кои во неделата не успеаја да се договорат за спогодбата за ревидиран пакет санкции што ќе вклучува забрана за руската нафта, ќе ги продолжат разговорите оваа недела.

Унгарија досега одбиваше да го поддржи компромисот, и покрај предлозите со кои и се понудени одредени отстапки за да го осигура снабдувањето со нафта.

Официјален претставник на ЕУ за Блумберг изјави дека договор се уште е можен во наредните денови.

За нафтата „Брент“, мај е шестиот месец што ќе го заврши со подем, што е најдолг циклус на раст на нејзината цена во последните десет години. За тоа придонесоа последиците од руско-украинската војна, како и зголемената побарувачка поради укинувањето на кинескиот „локдаун“ и, условно кажано, враќањето на економската активност во нормала.

Дополнително, скокот на цените се должи и на огромната побарувачка на гориво во САД, каде викендов започна летната сезона на возење, што ги вивна малопродажните цени на бензините во таа земја на рекордни нивоа.

 

 

 

 

 

 

(Фото: ЕПА)