Главниот град Скопје е домаќин на 30. Министерски совет на Организацијата за безбедност и соработка во Европа – ОБСЕ.
Станува збор за најголемиот меѓународно-политички настан што некогаш е организиран во земјава на кој учествуваат околу 1000 делегати од 57 земји членки на организацијата и земји партнери.
Организацијата на настан од вакви размери што ја има Македонија како актуелен претседавач со ОБСЕ, е можност за афирмација на државата и нејзините демократски и организациски капацитети.
Присуствуваат шефовите на дипломатиите на најголем број од земјите-учеснички на ОБСЕ – САД, Канада, Велика Британија, министри од земјите-членки на ЕУ и на НАТО, од Медитеранот, Блискиот исток и централна Азија.
Состанокот во Скопје според најавите се очекува да го следат повеќе од 200 акредитирани новинари и сниматели. Најголеми делегации се очекува да бидат руската и американската. Руската делегација, според информациите, би броела околу 80 луѓе, меѓу кои и 20-на руски новинари.
Една од главните точки на советот на министри на ОБСЕ ќе биде и изборот на следен претседавач за идната година.
На подготвителниот состанок и постојаниот совет на амбасадори, 57-те земји постигнаа согласност да ја поддржат кандидатурата на Малта како иден претседавач.
Информацијата во понеделникот ја објави шефот на македонската дипломатија, Бујар Османи, нарекувајќи ја како „одлична вест“. Притоа тој и се заблагодари на Малта за подготвеноста да ја преземе ваквата витална улога, но и на сите земји-учеснички и партнери на ОБСЕ за флексибилноста и поддршката.
Освен за иднината на ОБСЕ во Скопје претставници на 76 држави ќе разговараат и за актуелните конфликти во светот, а една од темите за кои ќе се организира и одделен настан во рамки на Министерскиот совет, е одговорноста за злосторствата во Украина и ослободување на заробениците.
Министрите и членовите на нивните делации вчера во хотелот „Александар Палас“ имаа неформална вечера, на која присуствуваше и американскиот државен секретар Ентони Блинкен. На вечерата беше и шефот за европската дипломатија, Жозеп Борел, кој претходно истакна дека не сака на советот на ОБСЕ седиштето на ЕУ да остане празно.
На вечерата не присуствуваше првиот човек на руската дипломатија Сергеј Лавров, чие присуство е потврдено на официјалниот дел.