Следниот „Оскар“ ќе се доделува во март, еден месец подоцна од предвиденото

– Организаторите на „Оскарот“ соопштија дека следното доделување на овие филмски награди ќе се случи кон крајот на март 2022 година, еден месец подоцна од предвиденото. Тие најавија и дека повторно ќе може да се натпреваруваат и филмови објавени на стрим-платформите.

Во соопштението на американската Академија за филмски уметности и науки, се вели дека доделувањето на Оскарите за 2022 година ќе се одржи на 27 март, на традиционалното место – холивудскиот Долби театар.

Причината за промена на датумот официјално, не е објавена. Но, претпоставките говорат дека организаторите не сакаат да се борат за телевизиската публика со Зимските олимписки игри и „Супербол“ финалето на американското рагби, коишто се одржуваат во февруари.

Оскарите оваа година беа преместени од февруари во април и, исто така – поради пандемијата, беа пренесувани и од познатата железничка „Јунион“ станица во Лос Анџелес, покрај Долби театарот.