Советот на Европската унија, претставен од 27 земји-членки, одобри укинување на царините за увоз од Украина на една година за да и помогне на економијата на земјата над која Русија изврши агресија. Оваа мерка, која Европската комисија ја предложи на 27 април, ја одобри Европскиот парламент на 19 мај. Според тоа, одлуката е потврдена и ќе стапи на сила следниот ден по нејзиното објавување во Службениот весник на ЕУ, се додава во соопштението на Советот.
Укинувањето на царинските давачки „ќе ја олесни трговската размена со Украина по агресијата и ќе и помогне на нејзината економија“, изјави на прес-конференција потпретседателот на Комисијата, Валдис Домбровскис.
Билатералната трговска размена меѓу ЕУ и Украина минатата година изнесуваше 52 милијарди евра, според европската извршна власт. Тој број е двојно зголемен од 2016 година.
Но, од февруари и почетокот на руската инвазија, земјоделското и индустриското производство на Украина претрпеа сериозно страдање, како и нејзините трговски врски со остатокот од светот, бидејќи руската морнарица го блокираше пристапот на земјата до морето.
Украинскиот бруто домашен производ се очекува да падне за 35 отсто оваа година, според проценката на Меѓународниот монетарен фонд објавена на 19-ти април.