Совет на амбасадори: Загрижени сме од најавите на Вархеји

Здруженито за надворешна и меѓународна политика „Совет на Амбасадори“ денеска преку соопштение информира дека со посебна загриженост и вчудовиденост ја примиле најавата на комесарот за проширување Оливер Вархеји за време на неговата турнеја по земјите на Западен Балкан дека е можно Македонија и Албанија да бидат поделени во нивниот пат до полно членство во Европската Унија, ако Македонија и Бугарија не најдат заеднички јазик во решавањето на спорот околу идентитетските прашања.

„Советот на Амбасадори не верува дека изнесениот условен став на комесарот Вархеји може да биде и став на Унијата. По оваа проблематика пред две години негативно се изјаснија некои земји членки на Унијата и не веруваме дека постојат сериозни причини ЕУ да го промени ставот“, се посочува во соопштението.

Советот е на ставот дека прогресот кон полноправното членство во Унијата на земја кандидат не смее да биде во заложништво на ветото на една земја членка кога се однесува до билатералните нерешени прашања.

Тие сметаат дека реализирањето на таквата можна опција ќе даде негативни импликации за земјата и за регионот, ќе го зголеми степенот на евроскептицизмот и песимизмот кај граѓаните и непотребно ќе го оддолжи патот на Македонија кон полноправното членство во Унијата.

Воедно, го повикаа Оливер Вархеји и неговата матична земја како и лидерите на другите земји членки на Унијата да вложуваат максимални напори оваа година конечно да се оддржи меѓувладината конференција и земјата да зачекори кон побрзото интегирање во ЕУ.