Социјалдемократите победија на изборите во Романија

Социјалдемократската партија (ПСД) победи на вчерашните парламентарни избори во Романија со освоени 45,95 проценти од гласовите и 132 пратенички места во 308-члениот долен дом на Парламентот, соопшти рано изутринава романската Централна изборна комисија.

Според резултатите од околу 98 проценти преброени гласачки ливчиња, на второто место се пласира десноцентристичката национална либерална партија (ПНЛ) со 18,89 отсто од гласовите и освоени 45 пратеници, пред Либералната еколошка Унија за спас на Романија (УСР) со 8,43 проценти од гласовите и 14 пратеници.

Места во Парламентот обезбедија и Демократската унија на Унгарците во Романија (УДМР) со освоени 6,32 отсто од гласовите и 16 пратеници и Алијансата на либералите и демократите (АЛДЕ) со 5,63 проценти и три пратеници.

Постои можност пратенички мандат да добие и Партијата на народното движење (ПМП) на поранешниот романски претседател Трајан Басеску, кој е на границата од освоени пет проценти од гласовите.

По објавувањето на првичните изборни резултати, лидерот на ПСД, Ливиу Драгнеа најави дека неговата партија ќе започне преговори за формирање на парламентарно мнозинство со својот долгогодишен сојузник АЛДЕ.

Конечните резултати од изборите се очекува Централната изборна комисија да ги објави во текот на денешниот ден.