Спасовски во Виена на конференција за борба против нелегалната миграција

LinkSense.mk

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски ќе учествува на Министерската конференција на Платформата за заедничка координација за ефикасна борба против нелегалната миграција долж Источномедитеранската рута, која ќе се одржи денеска и утре во Хофбург – Виена во Австрија.

Спасовски, како што информираат од неговиот кабинет, ќе има обраќања на двете панел сесии, „Регионални и национални аспекти  – предизвици и тековна ситуација“ и „Елементи на регионален механизам и партнерства за враќање“.

Конференцијата е во организација на Федералното Министерство за внатрешни работи на Република Австрија и Платформата за заедничка координација за ефикасна борба против нелегалната миграција долж Источномедитеранската рута воспоставена во јуни 2021 година во Прага, Чешка, заедно со министрите и претставниците од Западен Балкан, Салцбуршкиот форум, Данска, Германија, Грција, Швајцарија, а во присуство на Европската комисија, Европската канцеларија за поддршка на азил (ЕАСО), ФРОНТЕКС и Меѓународниот центар за развој на миграциска политика (ИЦМПД).

На маргините на конференцијата, Спасовски ќе оствари билатерална средба со Нотис Митараки, министер за миграција и азил на Грција, а ќе се сретне и со Игор Џундев, шеф на постојаната мисија на Република Северна Македонија при ОБСЕ во Виена, како и со Кристин Шанер Бургенер, државен секретар за миграции на Швајцарија.

 

ИЗВОР: МИА