Спасовски: Режимот ги живее последните пет дена

„Режимот е скршен. Ги живее своите последни пет дена. Доста е од кражби и од лаги, време е за живот во Македонија, рече Оливер Спасовски, носител на пратеничката листа на коалицијата „За живот во Македонија“ во изборната единица 2, во своето обраќање на митингот во Куманово.

Време било, според Спасовски, да се стави крај на криминалот и корупцијата, наведе дека од федерализација и кантонизација не можело да стане збор, тоа било измислица на Никола Груевски и на тие околу него и најави дека ќе има конфискација на нелегално стекнат имот.

Тој вети дека во првите 100 дена од новата влада трајно ќе биде решен проблемот со стечајните работници и дека ќе се направи реизбор на судиите.

„Ќе го продолжиме мандатот на СЈО зошто мора да има и правна разрешница, доаѓа време на правда, нема пазарење со тоа. Секој оној што украл и еден денар или прекршил една буква од законот ќе мора да одговара, порача Спасовски.