Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски во интервју за Локално потенцираше дека раководство на МВР инвестирало 17 милиони евра за реконструкција на полициски објекти низ државава како и 13 милиони евра за униформи и опрема.
„Со инвестирани 17 милиони евра за реформските процеси на оперативно рамниште, 2023 година ја завршивме со завидна бројка од 80 комплетно реконструирани енергетски ефикасни објекти. Отпочната е реконструкција на Управните служби, како и основни подготовки за отпочнување на активности во Центарот за обука во Идризово. Воедно, можеме да се пофалиме и со уште два нови објекти, најсовремената Форензичка лабораторија на Балканот, во рамки на Одделот за форензички испитувања и новата Полициската станица Аеродром, чија изградба од темел ја отпочнавме”, истакна Спасовски, додавајќи дека 13 милиони евра беа инвестирани во униформи и опрема.
Покрај 80-те реконструирани објекти, во 2023 година биле набавени и нови униформи, чевли и опрема во вкупна вредност од 13 милиони евра.
„Оставам и опремена полиција во која се вложени 13 милиони евра за униформи, чевли и опрема за сите организациони единици во МВР, се обезбедија дрегери и радари со уреди за ноќно снимање, се набавија интервентни, транспортни и возила за справување со нарушен јавен ред и мир, но и пловни објекти, а се изврши и комплетна модернизација на Хеликоптерската единица.
Благодарение на набавеното ведро и систем за гаснење пожари, таа само во годината што измина оствари 33 летови, со исфрлени 936 тона вода за гаснење на пожари, а од неодамна, со обезбедената и монтирана медицинска опрема на еден од воздухопловите, овој оддел може да врши транспорт на пациенти по воздушен пат. Воедно, набавивме и 20 интервентни комбиња, за потребите на сите СВР-а, кои се опремени со најнова високософистицирана опрема”, рече Спасовски.