Србија во последните десет дена се задолжи за две милијарди евра

LinkSense.mk

За неколку дена јавноста во Србија дозна дека е договорен кредит од Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ) од една милијарда евра, дека се задолжиле на пазарот на обврзници за 690 милиони евра, но и дека се преговара за нов аранжман со Меѓународниот монетарен фонд.

Вкупната вредност на тој заем нема да биде помала од две милијарди евра, а за што ќе се потрошени парите никој со сигурност не може да знае.

Српската влада се пофали дека ќе добие неверојатно поволен кредит од Арапите во вредност од милијарда евра, со камата од три отсто.

Претседателот Александар Вучиќ им се заблагодари на Обединетите Арапски Емирати и нагласи дека вакви кредити земаат и други земји, и дека тие ќе бидат искористени за сервисирање на старите заеми. На кои точно заеми мислеше, јавноста не дозна, јавува Нова.рс.

Набрзо јавноста во Србија ја слушна и информацијата дека Белград преговара со Меѓународниот монетарен фонд за нов заем, иако веќе неколку пати одбиваа да прават дополнителни аранжмани со оваа институција. Како што претходно објаснија експертите, ММФ бара прецизни податоци и информации за што ќе се трошат средствата.Токму „оправдувањата“ што треба да му се дадат на ММФ се спорни за владата на Србија, бидејќи познатата финансиска институција има ригорозни процедури за контрола, поради што владата претходно одбиваше да зема заеми.

Дополнително, ММФ подразбира и одредено спроведување на реформи и фискални резови кои никогаш не им одат во прилог на властите.

Дека на задолжувањата не им се гледа крајот истакна и потпретседателот на Партијата за слобода и правда (ССП), економистот Душан Никезиќ, кој објасни дека Србија ќе се задолжи уште 690 милиони евра на пазарот на обврзници, кои се продадени преку директна зделка со непознат инвеститор.

„Србија за помалку од еден месец се задолжи со 1,69 милијарди евра за да го покрие дефицитот во буџетот, со што јавниот долг ќе се зголеми на над 33 милијарди евра и затоа новиот заем од ОАЕ не е причина за славење, како што тоа се обиделе да го претстават владините функционери“, вели Никезиќ.

Тој забележува дека вкупното задолжување ги зголемува обврските на Србија кон ОАЕ на 2,5 милијарди евра.

„Ова дополнително ја влошува нашата позиција во однос на доверителот кому веќе му ја подаривме националната авиокомпанија, две милијарди евра вредно земјиште за ‘Белград на вода’ и 500 милиони евра вредно обработливо земјиште“, подвлече Никезиќ.

Тој повтори дека оваа Влада се задолжила повеќе отколку сите претходни и дека сега сите кредити стигнуваат за наплата.