Средба Заев – Алтхаузер

Претседателот на СДСМ, Зоран Заев, се сретна со германската амбасадорка Кристине Алтхаузер.

На средбата било разговарано за потребата од продолжување на демократските процеси во Македонија и формирање нова, силна, посветена Влада кон реформските приоритети, соопштуваат од Социјалдемократскиот сојуз на Македонија СДСМ.

Меѓу другото, на средбата биле посочени како клучни препораките во извештаите на Европската комисија и на Рајнхард Прибе.

„Разговарано е посебно за потребата од реформа на судскиот систем, според најдобрите практики во регионот и светот, како и околу потребата СЈО целосно да ја заврши својата работа, со цел да се обезбеди функционирање на правдата и правната држава во земјава“, додаваат од СДСМ.

„Мнозинството граѓани на Македонија дадоа поддршка за демократска Македонија наспроти режим. Режимот е срушен со пенкало и глас. Исто така, силна поддршка од граѓаните доби концептот на заедништво за којшто се определи СДСМ, наспроти концептот на поделби на досегашната власт. На тоа сме многу горди и сето ова е силен ветар во грб за добрата иднина на Македонија. Граѓаните избраа промени. Сега очекуваат квалитетен живот и развој на државата“, посочуваат од СДСМ.