Средба Заев-Жбогар: Се избра спикер, на ред е нова влада

Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Зоран Заев, попладнево се сретна со амбасадорот на ЕУ во Македонија, Самуел Жбогар.

На средбата, информираат од СДСМ, заеднички било констатирано дека е заокружено формирањето на Парламентот со изборот на новиот собраниски претседател и дека демократскиот процес мора да продолжи со формирање на новата реформска Влада

„Очекувам сите институции и вработените во нив да го сфатат својот дел од одговорноста во овозможувањето на развојот на демократските процеси. Новиот претседател на Парламентот е легитимно, законски и деловнички избран и низ официјална процедура во брзо време ќе го информира Ѓорге Иванов дека постои декларирано парламентарно мнозинство, истакнал Заев на средбата.

Тој, патем, додал дека бил подготвен, иако Програмата на новата Влада е позната за целата домашна и меѓународна јавност, да ја реафирмира пред граѓаните и Иванов, и на тој начин да ги разбие сите неразумни аргументи со коишто Ѓорге Иванов го условува мандатот.

На средбата било осудено крвавото насилство во Параламентот, кога беа повредени пратеници, новинари и вработени и било оценето дека е неопходно да се овозможи мирен трансфер на власта.