Средба Заев-Трента: Македонија се наоѓа пред историски момент кој е важен за нејзините граѓани

LinkSense.mk

Премиерот Зоран Заев денеска, придружуван од заменик претседателката на Владата на Република Македонија, Радмила Шекеринска и повеќе свои соработници, се сретна со министерката за одбрана на Република Италија Елизабета Трента, која со повеќечлена делегација е во официјална посета на нашата земја.

Премиерот Заев, со министерката Трента разговарал за претстојниот референдум, како историски момент, кој означува почеток на остварување на евроатлантските аспирации на Македонија, кои се долгогодишни стратешки приоритети на земјата.

Во разговор за идното членство на Република Македонија во НАТО и Европската Унија, министерката Трента го поздрави ентузијазмот на премиерот Заев и подвлече дека доаѓа во Македонија да ја искаже поддршката на Италија за евроатлантските аспирации на Македонија и да понуди помош, доколку е потребно, за да се развива и понатаму пријателството меѓу двете земји и останатите земји во регионот на Западен Балкан.

Министерката Трента, на премиерот Заев му рекла дека референдумот е важен за македонските граѓани, но и за сите други пријатели кои ја поддржуваат земјата и нејзините заложби за влез во Европската унија и НАТО.

Било оценето дека Македонија заслужува да стане 30-та членка на Северноатлантската алијанса и како дел од Сојузот, да остане фактор на стабилност во регионот, како земја чија стратешка определба е да одржува пријателство и соработка со сите соседни земји.

Премиерот Заев на министерката Трента и ја повторил заложбата и политичката волја на актуелната Влада да продолжи со клучните реформи за зајакнување на владеењето на правото, борбата против корупцијата, реформата на безбедноста и разузнавањето и реформата на јавната администрација, со цел интеграција во НАТО и ЕУ.

Тој потенцирал дека претстојниот референдум е момент за одлука за европската иднина за Македонија и дека одговорноста е на сите релевантни политички субјекти во земјата, вклучувајќи ја и опозицијата, со која и досега заедно учествуваа во потребните реформи.