Средба Ковачевски – Гутереш: Соработката со ОН продолжува

LinkSense.mk

Премиерот Димитар Ковачевски оствари средба со генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш, на која изрази благодарност за ангажманот на ОН во Македонија и нагласи дека соработката ќе продолжи со зголемен интензитет, особено во имплементирањето на новите стратешки цели за одржлив развој за периодот 2021-2025 година.

На средбата што се одржа на маргините на 77. Генерално собрание на Организацијата, во Њујорк, Ковачевски истакна дека ангажманот на ОН во Македонија е мошне важен за јакнење на капацитетите на земјата во клучните сектори и за унапредување на реформите. Тој изрази надеж дека соработката со ОН ќе продолжи и во иднина со цел обезбедување поддршка за нашите развојни цели во контекст на нашите евроинтеграциски аспирации.

„Реформите во областите на доброто владеење, борбата со корупцијата, реформите во судскиот систем, како и јакнењето на социјалната кохезија, ќе бидат приоритетите на земјата. Крајната цел на Владата е да воведе значајни промени во животот на нејзините граѓани, да ја подобри легислативата и да ги зајакне капацитетите и ефикасноста на институциите“, истакна премиерот.

Уште еднаш е потврдена нашата силна заложба за јакнење  на улогата на ОН во справувањето со глобалните предизвици, како што се руската агресија врз Украина, климатските промени и недостигот од храна.

Македонската влада, истакнато е, е целосно посветена на имплементација на Агендата 2030, којашто се однесува на целите за одржлив развој на ОН и нејзина интеграција во националните стратешки документи и планови.

На средбата со генералниот секретар Гутереш, премиерот Ковачевски изрази интерес и за зголемено учество на Македонија во мировните операции на Обединетите нации.

Нашата држава, истакна Ковачевски, е активен партнер на меѓународните антитерористички коалиции и ќе продолжи да придонесува кон меѓународните заложби за борба против тероризмот.

Дополнителен доказ за нашиот ангажман во правец на зацврстување на мирот и стабилноста е и нашето претстојно претседателство со ОБСЕ, наредната година, за кое интензивно се подготвуваме во време на голема нестабилност предизвикана од руската воена агресија врз Украина.

„Како претседавач на ОБСЕ ќе ги искористиме сите ресурси и механизми на оваа организација, со цел да се намалат тензиите и да се воспостават канали на комуникација и критички дијaлог“, истакна Ковачевски.

Ковачевски и Гутереш разговараа и за Преспанскиот договор како пример кој имаше исклучително позитивно влијание врз билатералниот и регионалниот развој на Македонија и Грција, и чија имплементација и пошироко беше оценета како историски чин.

На крајот Ковачевски изрази големо задоволство и од неодамнешното отпочнување на скрининг процесот во рамки на пристапните преговори кон ЕУ, потврдувајќи ја нашата силна посветеност на реформските процеси  на патот кон европското семејство.