ССНМ: Медиумските работници со ниски плати и на удар од короната, газдите незаинтересирани да зборуваат за работничките права

Новинарите и медиумските работници имаат плата далеку под државниот просек и дополнително, во условина корона криза, се загрижени поради неизвесноста од задржување на работното место и висината на приходите.

Меѓу нив владее страв и паника, велат дека овој начин на живот и работа влијае врз нивното ментално здравје, а дел имаат потреба и од психолошка поддршка.

Сопствениците на медиумите, пак, не се заинтересирани да зборуваат за
работничките права на нивните вработени.

Ова го покажува најновото истражување на Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ).

„Сопствениците на петте медиуми велат дека навремено набавиле заштитна опрема за вработените, што е спротивно на тврдењата на голем дел од вработените, 22 отсто, кои одговориле дека во медиумите кај што работат не биле набавени заштитни средства. На прашањето „Што имате направено за да ја зголемите безбедноста на работното место?“, тројца сопственици на електронски медиуми одговориле „Работа од дома“, еден сопственик на електронски медиум одговорил „Работа во смени“, а сопственикот на телевизија одговорил „Работа во повеќе групи“, наведува ССНМ

Петте испитаници кои одговориле на анкетата се на возраст од 41 до 58 години, четворица од нив се мажи и една жена.

Еден од нив е сопственик на телевизија, останатите се сопственици на електронски медиуми, сите се со завршено високо образование.

Според истражувањето, синдикално организирање во медиумите е проблем за некои од сопствениците на медиуми.

„На прашањето дали во нивната редакција постои синдикална организација потврден одговор дале само двајца сопственици на интернет портали. Додека синдикално организирање нема во телевизијата и во два електронски портали, а на дополнителното прашање зошто нема, сопственикот на телевизија одговорил „не знам“, еден сопственик на електронскиот портал одговорил „премногу мала редакција“, еден испитаник не дал одговор. На прашањето „Дали би им правеле проблеми на вработените доколку синдикално се организираат“, еден од сопствениците на електронски медиуми одговорил со „ДА“. Останатите четворица испитаници се изјасниле дека не би им правеле проблем на вработените доколку синдикално се организираат“, покажува анкетата.

ССНМ укажува и дека медиумскиот бизнис дополнително е на удар од
корона-кризата.

Тоа се одразило со губење работно место и намалување на платите.

Четворица останале без работа, а седумнаесет проценти од медиумските работници одговориле дека им била намалена платата.

„Ова истражување покажа дека медиумските работници се на првата
линија до опасноста од корона пандемијата, но и на директен финансиски удар. Потребата од помош е повеќе од очигледна, ако се земат предвид одговорите на испитанците. Седумдесет и три проценти одговориле дека им е потребна финансиска помош. Меѓу медиумските работници владее страв и паника, па така 48 одговориле дека им е потребна психолошка поддршка. Тука особено е значајно да се напомене дека 62 отсто од анкетираните потврдуваат дека овој начин на живот и работа влијаат врз нивното ментално здравје“, посочува ССНМ.