Стејт Департментот ги предупреди Американците: Не патувајте во Јапонија!

Организаторот на Олимписките игри, Токио, се соочува со препреки за да ги одржи Игрите во 2021 година, откако што тие беа одложени во 2020-та, заради избивање на пандемијата со ковид-19.

Најновиот загрижувачки знак за летните Олимписки игри стигна денеска кога Стејт Департментот ги советуваше граѓаните да не патуваат во Јапонија заради зголемениот број заболени од корона вирус, јави Си-Ен-Ен.

Советот под име „Ниво 4: Не патувајте“ е најголемо можно ниво на внимателност во историјата на предупредувањата издадени од Стејт департментот, наведува Си-Ен-Ен.

Мина повеќе од една година откако САД ги повикаа туристите на внимание при патувањето во странство, а Јапонија беше затворена за туристички патувања за американските државјани во текот на пандемијата.

Американците можеа да влезат во Јапонија, но само во одредени околности.

Олимписките игри и понатаму се на програмата и треба да се одржат од 23 јули до 8 август.

Во јапонија е забележан голем пораст на новозаболени, а бројката скокна после укинувањето на вонредната состојба во март.

Во претходниот период имаше голем притисок за повторно одложување на Игрите.

Бранејќи се од критичарите минатата недела, претседателот на Меѓународниот олимписки комитет, Томас Бах, рече дека Јапонците и организаторите на ОИ во Токио ќе донесат вистинска одлука по повод проценките околу одржувањето.

Здружението на лекари од Токио, кое брои околу 6.000 членови, неодамна испрати писмо со повик да се откажат Олимписките игри.

Истовремено, околу 350.000 граѓани за само девет дена потпиша петиција за да се откажат Игрите и потписите им ги испрати на организаторите.