Стигнуваат таблети против корона вирус

LinkSense.mk

Американските фармацевтски гиганти „Мерк“ и „Фајзер“ неодамна објавија охрабрувачки резултати од испитувањата на своите орални лекови за излекување од Ковид-19.

Се работи за таблети кои се земаат орално веднаш откако ќе се појават првите симптоми на оваа пандемиска болест за да се избегнат тешки облици, а со тоа и болничко лекување.

За таква форма на лекување се трага откако почна оваа глобална здравствена криза.

После повеќемесечни истражувања „Мерк“ и „Фајзер“ објавија дека стигнаа до целта.

„Мерк“ на почетокот на октомври објави дека за својата таблета „молнупиравир“ бара одобрение за употреба во Соединетите Американски Држави, а „Фајзер“ истото тоа го стори минатата недела за својот лек „паксловид“.

Во двата случаја се работи за антивирални лекови кои дејствуваат на тој начин што ја смируваат можноста од реплицирање на вирусот, со што се забавува развојот на болеста.

Двете компании тврдат дека клиничките испитувања покажуваат дека користењето на лековите значително го намалува ризикот од хоспитализација.

Мерк“ тврди дека „молнупиравир“ го намалува ризикот за 50 отсто, а пак од „Фајзер“ се сигурни дека „паксловид“ штити до 89 отсто, иако стапките на ефикасност не треба директно да се споредуваат поради различните протоколи за тестирање.

Антидепресивот кој веќе и е достапен на јавноста, „флувоксамин“, исто така покажа охрабрувачки резултати во спречување на сериозни облици на болеста, покажа студијата на бразилските научници објавена во октомври во Лансет.

Ако се потврди ефикасноста на таблетите, тоа ќе биде голем чекор напред во борбата со ковид и заедно со вакцините ќе го засили терапевтскиот арсенал против вирусот.

Терапии веќе постојат, главно во форма на синтетски антитела, но тие лекови се вбризгуваат и обично им се даваат на пациенти кои се веќе тешко болни.

Од друга страна, таблетите можат брзо да се препишат и можат едноставно да се земаат, а притоа пациентот да не го напушта домот.

Лечењето со таблетите на „Мерк“ и „Фајзер“, кои засега не предизвикуваат многу нус појави, би траело пет дена по две таблети дневно.

Успехот на тие антивирални лекови отвара ново поглавје во спречување на тешки последици од ковид“, вели британскиот виролог Стефан Грифин.

Тешко е да се процени успехот на терапиите на „Мерк“ и „Фајзер“ затоа што компаниите сеуште не ги објавиле податоците од клиничките испитувања.

Францускиот виролог Карин Лакомб предупредува дека објавите на фармацевтските компании треба да се земат со претпазливост се додека нивните испитувања не ги поминат научните рецензии.

Лакомб смета дека таблетите би можеле да им донесат „потенцијално голем“ пазар.

Независни експерти велат дека некои елементи укажуваат на тоа дека „Мерк“ и „Фајзер“ не даваат лажни ветувања. Двете компании клиничките испитувања ги прекинале порано од што се очекувало со благослов на независните надзорни одбори, затоа што резултатите биле навистина многу добри.

За антидепресивот „флувоксамин“, пак, податоците се достапни и тие наидоа на некои приговори.

Неколку научници им приговорија на авторите на студијата дека не се ограничиле само на проценка на зачестеноста на хоспитализацијата туку анализирале и зачестеноста на продолжениот престој на лечење во болница, што по нивно мислење ја комплицира интерпретацијата на податоците.

Молнупиравир“ на „Мерк“ е веќе одобрен во Велика Британија. Тамошните здравствени власти му дадоа зелено светло за лечење на лица подложни на поголем ризик од развој на тешка клиничка слика, како што се повозразните, подебелите и дијабетичарите.

Неколку земји веќе порачале количини на „молнупиравир“. Соединетите Американски Држави, на пример, очекуваат да им стасаат 1,7 милиони дози за што платиле 1,2 милијарди долари.

Американската порачка навестува и колку може да чини лекот. Со оглед на платената вредност, би значело дека петдневна терапија со „молнупиравир“ би чинела околу 700 долари.

Фајзер“ сеуште не ја објавил цената на „паксловид“, но вети дета таа ќе биде прифатлива.

 

 

(Фото: ЕПА)