СТРАТЕШКИ ДОГОВОР: „Боинг“ и Саудиска Арабија во преговори за испорака на 150 авиони „737 МАКС“

LinkSense.mk

Американскиот производител на авиони „Боинг“, се очекува, со своите авиони „737 МАКС“ да ја опреми флотата на саудискиот национален авиопревозник „Ријад Ер“ (Riyadh Air).

Вкупната вредност на договорот за купување на 150 авиони се проценува на осум милијарди долари (околу 7,5 милијарди евра), а преговорите меѓу компанијата и Саудијците се уште траат, пренесува германската новинска агенција ДПА.

Новиот национален авиопревозник „Ријад Ер“, кој беше основан во март годинава, првично најави купување на 72 авиони „787 Дримлајнерс“.

Авиокомпанијата планира да се поврзе со повеќе од 100 светски дестинации до 2030 година, а свој оперативен центар ќе има во главниот град на Саудиска Арабија.

Авионите „737 МАКС“ се очекува да ја намалат потрошувачката на гориво и емисиите за 20 отсто, а истовремено ќе создаваат 50 отсто помалку бучава од сегашните авиони.

Белата куќа кон средината на март објави дека Саудиска Арабија ќе купи повеќе од 100 авиони од „Боинг“, истакнувајќи дека ова е нова пресвртница во 80-годишната соработка меѓу двете земји.

На почетокот на мај и ирската нискобуџетна авиокомпанија „Рајанер“ најави купување на 300 авиони „737 МАКС“ од американскиот производител. Вредноста на оваа нарачка по малопродажна цена е повеќе од 40 милијарди долари (околу 37,5 милијарди евра), но за такви големи набавки, авиокомпаниите, по правило, склучуваат значителни попусти.