Студентите бараат практични решенија за енергетска ефикасност

Студентите на Факултетот за електротехника и информациски технологии при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, ја почнаа тридневната студентска конференција за енергетска ефикасност и одржлив развој – „СКЕЕОР 2016“.
Ова е четврта година како се одржува оваа студентска конференција.

Од година в година таа добива се поголем размер, а заинтересираноста меѓу студентите постојано се зголемува.
Годинава на конференцијата учествуваат околу 50 учесници–студенти на додипломски и постдипломски студии со околу 30 трудови. Има и учесници од странство.

efikasnost

„Со вакви настани студентите имаат можност да се вклучат и да размислуваат на темите опфатени со енергетската ефикасност и одржливиот развој, се подигнува нивната свест за актуелните проблеми во овие области и придонесува кон изнаоѓање нови решенија. На самата конференција, покрај тоа што студентите ќе ги презентираат своите трудови, присутни ќе бидат и претставници од компании, како и професори кои ќе одржат пленарни предавања.
Традиционално примарната цел на конференцијата останува иста: да биде мост кој ги поврзува студентите со компаниите и професорите, експерти во оваа област“, вели Андреј Станковски, еден од организаторите на Конференцијата.

efikasnost-2

За деканот на ФЕИТ, Димитар Ташковски, енергетската ефикасност и одржливиот развој се меѓу најактуелните теми на кои се посветува сериозно внимание во светот.

„Сведоци сме на значителен напредок во енергетската ефикасност на електротехничките уреди, технологијата на материјалите и сé поголемото искористување на обновливите извори за енергија. Од друга страна, засегнати од штетните влијанија на фосилните горива врз животната средина, наша обврска е да работиме и истражуваме на ова поле, но и да придонесеме кон зголемување на еколошката свест за денешните и идните генерации“, вели Ташковски.

efikasnost-3

Според претставникот на Комората на овластени архитекти и овластени инженери, професор д-р Миле Станковски, оваа институција се грижи за образованието и за подигнувањето на нивото на инженерите.

„Работиме на доедукација на нашите членови, но и на подмладокот, на студентите. Затоа ги поддржуваме при организацијата на СКЕЕОР. Енергетската ефикасност е сé поактуелна тема и знаењата што треба да ги имаат студентите треба да се на светско ниво. Конференциите придонесуваат до зголемување на знаењата, иако тоа се прави и преку редовните студии и учество на европски и светски натпревари“, рече Станковски.